тоблероне

Лесни и посни тоблероне бомбици

Имаме нов рецепт од нашата кујна! Приготвивме мали и слатки, посни тоблероне бомбици. 

Богат чоколаден вкус, надополнет со ореви и сусам. Овие бомбици се идеални како посни визитарски колачи, за слатка ужина или за различни семејни свечености. А ние ги приготвивме за именден во време на пости, така што ги дегустираа нашите пријатели. Сите го пофалија одличниот рецепт, па го споделуваме со вас.\

посни тоблероне бомбици

Состојки:

  • 100 мл вода
  • 2 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 200 грама посно чоколадо за готвење
  • 100 грама ореви
  • 100 грама сусам
  • 200 – 300 грама мелени посни бисквити
  • 2 лажици масло
  • 100 грама посно темно чоколадо.

Подготовка:

  1. Сусамот ставете го во тава на оган, на средна температура. Повремено мешајте додека сусамот се потпечи.
  2. Во друга тава на оган ставете ги оревите. И нив кратко потпечете ги.
  3. Оревите измелете ги или истолчете ги.
  4. Водата, шеќерот и ванилиниот шеќер ставете ги во тенџере на оган. Повремено мешајте ги за да се растопи шеќерот.
  5. Штом шербетот ќе зоврие тенџерето тргнете го од огнот. Додајте 200 грама чоколадо искршено на коцки. Мешајте за да се растопи чоколадото. По потреба, тенџерето вратете го на огнот за кратко време.
  6. Во тенџерето додајте ги сусамот, оревите и дел од бисквитите. Измешајте за да се добие хомогена смеса и по потреба додавајте мелени бисквити, додека се добие средно мека смеса. Смесата оставете ја кратко време да се излади.
  7. Од изладената смеса формирајте бомбици. Бомбиците ставете ги во замрзнувач за време од 2 до 3 часа, а најдобро е преку ноќ.
  8. Преостанатото чоколадо растопете го во сад на пареа. Во чоколадото додадете 2 лажици масло и измешајте.
  9. Изладените тоблероне бомбици прелијте ги со растопеното чоколадо. Декорирајте со парчиња чоколадо по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посни бомбици од суво овошје и лешници.

Сподели: