Палачинки со фил од тиквички и кашкавал

Палачинките со фил ни се омилени, независно дали се благи или солени. А токму ваков рецепт за солени палачинки со фил од тиквички и кашкавал ни испрати Невена, кој изгледа лесно и вреди да се проба. 

Овие сочни и многу вкусни палачинки најдобро е да ги послужите додека се топли, но и изладени се идеален предлог за мезе или вечера. Сигурни сме дека и вам ви се допаднаа, а ние веќе ги ставивме на нашата листа за рецепти кои мора да се пробаат, па во првата прилика штом имаме повеќе слободно време ќе ги направиме и дегустираме.

палачинки со фил од тиквички

Состојки:

  • 300 мл млеко
  • 1 јајце
  • ½ мала лажичка сол
  • 3 лажици масло
  • 150 гр брашно
  • путер по потреба.

Фил:

  • 350 гр тиквички
  • 150 гр кашкавал
  • 2 лажици пармезан
  • 1 јајце.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за матење ставете ги млекото, јајцето, солта, брашното и маслото. Состојките убаво измешајте ги со миксер за да се добие хомогена смеса без грутчиња.
  2. На оган ставете тава за палачинки да се загрее. Во загреаната тава печете ги палачинките од двете страни за време од 2 до 3 минути. Печените палачинки редете ги во чинија.
  3. Тиквичките изрендајте ги, посолете ги и оставате ги околу половина час да пуштат вода. Исцедете ги, додајте ги ренданиот кашкавал, пармезанот, јајцето, солта и црн пипер по вкус и убаво измешајте.
  4. Врз секоја палачинка ставете од филот со тиквички и кашкавал, а потоа завиткајте ги во ролат. Вака формираните палачинки, наредете ги во мала тава обложена со хартија за печење, а врз нив ставете неколку парчиња путер. Палачинките печете ги во загреана рерна на 180 степени за време од 20 до 30 минути.
  5. Печените палачинки со фил од тиквички и кашкавал послужете ги додека се топли. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.

Ви предлагаме да прочитате: Печени палачинки со фил од спанаќ и урда.

Сподели: