Пролетна свежа салата со домати и спанаќ

Кога станува збор за здрава исхрана, прво нешто што ни паѓа на памет е чинија со свежа салата која изобилува со зеленчуци. И да, токму така салатата е основа на секој здрав оброк. Сигурно веќе сте слушнале дека свежиот зеленчук изобилува со витамини и минерали кои ни се неопходни за здрав развој и правилно функционирање на организмот, што е од особена важност во пролетниот период, кога времето е променливо, а состојбата со вирусите сѐ уште актуелна. Тоа нѐ мотивира за подготовка на пролетната свежа салата со домати и спанаќ.

Брза и едноставна за подготовка, но сепак многу вкусна. Еве неколку придобивки кои ќе ве мотивираат да ја направите салатата уште денес.

свежа салата со домати

Доматите го зајакнуваат имунитетот и помагаат за намалување на вишокот килограми

Доматите имаат ниска калориска вредност, што е препорачливо во најголемиот број на режими на исхрана, а посебно кога станува збор за детоксикација и намалување на вишокот килограми. Го зајакнуваат имунитетот и се добри за борба против инфекции.

Спанаќот ја чува младоста и го подобрува изгледот на кожата

Спанаќот е извор е на голема количина на витамините C и А, што го прави да биде познат како зеленчук против стареење. Исто така содржи витамин К, кој помага во процесот на правилно згрутчување на крвта.

Маслата богати со омега-3 се чувари на здравјето на срцето и помагаат за намалување на холестеролот

Омега-3 масните киселини се сметаат за пријатели на здравјето. Тие се градбени материи од кои се произведуваат простагландини, кои регулираат голем број функции во телото. Овие простагландини ги намалуваат воспаленијата, проширувањето на крвните садови, ја намалуваат коагулацијата на крвта и нивото на штетниот LDL холестерол, а во исто време го зголемуваат нивото на добриот HDL холестерол. Доволно придобивки кои ќе ве мотивираат да ја пробате оваа салата!

Состојки:

  • 5 шери домати
  • 1 краставица
  • 2-3 чаши млад свеж спанаќ
  • 1 главица кромид
  • рукола или листови од глуварче по желба
  • 1-2 лажици ладно цедено маслиново масло
  • оцет балсамико
  • сол и мелен црн пипер.

Подготовка:

  1. Доматите исечкајте ги на мали кругови или четвртинки. Краставицата исечете ја на кругови.
  2. Спанаќот и ливчињата рукола, добро измијте ги и исечкајте ги. 
  3. Спанаќот и руколата додајте ги во садот со доматите и краставицата. 
  4. Кромидот излупете го и исечкајте го на кругови и додајте го во садот со зеленчуците.
  5. По желба може да додадете и маслинки. 
  6. Сите состојки измешајте ги и зачинете со сол и мелен црн пипер, балсамико и масло. Готовата свежа салата со домати и спанаќ послужете ја веднаш како прилог за ручек или вечера. Уживајте во светот на вкусовите!

Ви препорачуваме да прочитате: Пролетна свежа салата со прелив од мајонез и павлака.

Следете ја sezahrana.mk и нa Instagram и Pinterest.

Сподели: