svinski gulas so domasni njoki 1

Свински гулаш со домашни њоки

Штом го видовме ова прекрасно јадење, не можевме да одолееме, а да не го споделиме. Ваков свински гулаш со домашни њоки, не се наоѓа ни во ресторан. Одлична идеја за секое домаќинство!

Диана ни кажа многу убав совет: „За добар гулаш, добро е да има кромид колку што има месо. Овој гулаш е густ, превкусен, а месото се топи во уста.“ Еве ги состојките, а подолу таа ни опиша и како да го направиме и ние за да може да уживаме во неговиот вкус.

svinski gulas so domasni njoki 2

Состојки:

За њоки:

  • 6 помали компири
  • 1 јајце
  • малку сол
  • брашно по потреба

За гулаш:

  • 500 г свинско месо
  • 4 главици кромид
  • 3 чешниња лук
  • 3 моркови
  • 1 домат
  • 250 г шампињони
  • 1 лажица црвен пипер
  • сол и црн пипер по вкус
  • мешан зачин
  • 100 мл бело вино
  • ловоров лист
  • околу 600 мл вода
  • околу 50 мл масло
  • 1 лажица свинска маст

Дополнително:

  • пармезан за њоките.

Подготовка:

  1. Прво го правиме тестото за њоките. Ги вариме компирите околу 20 минути, при што битно е да не се преварени. Откако ќе се сварат, се цедат, се лупат и треба да се „суви“ за да се рендаат.
  2. Се додава 1 јајце, сол и брашно по потреба. Тестото не треба да биде ниту премногу меко, ниту премногу тврдо. Се витка во најлонска фолија и се остава да одмори 20-тина минути.
  3. Потоа се почнува со припрема на гулашот. Во тенџере на оган го ставаме претходно исечканиот кромид на коцки, маслото и свинската маст, па пржиме додека кромидот омекне.
  4. Месото го сечеме на помали коцки (пред тоа може да стои во солена вода околу 30 минути) и го додаваме во кромидот.
  5. Откако овие состојки ќе се запржат, се додаваат морковите, изренданите излупени домати, исечканиот лук и шампињоните.
  6. Откако и тие ќе се запржат, се додава 1 лажица црвен пипер, 600 мл вода и 100 мл вино.
  7. Се додаваат зачините и ловоровиот лист. Садот се покрива и температурата се намалува на потивко. Поремено да се меша, а треба да се готви околу 2 часа.
  8. Во меѓувреме, го вадиме тестото за њоките на набрашнета површина и го делиме на 4 дела.
  9. Од секој дел со помош на рацете развлекуваме форма во вид на јаже. Со помош на нож се сечат парчиња и секое парче се поминува со вилушка превртена наопаку. Ноките се набрашнуваат убаво и се оставаат 10-тина минути.
  10. За тоа време, ставаме на оган вода со сол и ја оставаме да зоврие.
  11. Потоа, во неа се додаваат њоките и се варат околу 2 минути, додека испливаат на површина. Важно е дека не смеат да се преварат, бидејки ќе бидат тврди. Сварените њоки се ставаат на цедалка да се исцедат.
  12. Пред да се сервира гулашот, се препорачува да отстои околу 2 часа, за да се излади и убаво да се згусте. А за подобар вкус и ефект, њоките наросете ги со редан пармезан. На здравје!

Рецептот го испратил: Диана Мицевска, Diana’s Kitchen.

Ви препорачуваме да прочитате: Телешки гулаш со црвено вино.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: