6 практични начини за употреба на наут во јадењата

Наутот е мешунка која можеби кај нас и не се употребува многу често во сите домаќинства. Најпозната е како главна состојка на хумусот. Сепак, хумусот не е единствено јадење во кое може да се додаде наут. Постојат многу начини за употреба на наут во храната, а еве 6 предлози од нас.

Ја обожаваме на секаков начин подготвена и употребена во секакви јадења! Па затоа, со задоволство ги споделуваме овие 6 практични начини како да го вклопите наутот во јадењата.

употреба на леблебија во јадења 2

Намаз за сендвичи

Од оваа намирница може да направите многу вкусен намаз за сендвичи. Едноставно сомелете варен наут во блендер и додајте малку мајонез со пониска масленост, неколку кисели краставички, лимонов сок во количина по ваш вкус, малку сол и црн бибер. Вака подготвениот намаз совршено се вклопува во секој сендвич со месо, а особено со сендвич од туна. Намазот намачкајте го на едната страна на лепчето. При подготовка на сендвичот од туна, туната може да ја измешате со намазот, а потоа да ја додадете во лепчето.

Печена леблебија

Леблебиите се супер грицки погодни за филмските вечери во домот. Плус, одлично одат со пиво, а и се поздрави од многу купечки грицки и чипси. Наутот од конзерва процедете го, измијте го со ладна вода и исушете го со тапкање со кујнска хартија. Потоа распоредете го во тава обложена со хартија за печење, попрскајте со маслиново масло и додајте зачини по желба. Печете 20 минути во претходно загреана рерна на 200 степени.

Супи и чорби

Бидејќи е мешункаст зеленчук, наутот може да се подготвува скоро на ист начин како што се прави грав или грашок. Направете вкусни чорби и супи кои со сигурност ќе ги воодушеват сите што ќе пробаат. Не плашете се да експериментирате и додајте разни индиски зачини, затоа што тие му даваат на наутот посебен вкус.

Омлет од брашно од наут

Направете омлет без јајца. Звучи интересно, нели? – Сѐ што ви е потребно е тофу сирење и брашно од наут. Измешајте ги овие две состојки и со смесата прелијте го зеленчукот кој претходно сте го запржиле.

Посни плескавици

Оваа намирница е сјајна основа за посни плескавици и ќофтиња. Само сомелете го и додајте зачини по желба. Потоа пржете како и стандардните плескавици.

Песто сос

Наместо пињоли, во класичниот песто сос со босилек, употребете наут. Сите останати состојки нека бидат исти.

Ви препорачуваме да прочитате: Како да го вклучите наутот во вашата исхрана?

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: