Грозје – овошје за долг и здрав живот

Прекрасните сензации кои ги чувствуваме додека јадеме грозје се доволна причина за да го ставиме во потесниот избор на нашето дневно мени. Но, уште поголема причина заради која би го избрале ова овошје кое и боговите го обожавале е неговата здравствена и прехранбена вредност.

Грозјето може да се консумира на повеќе начини – свежо, како џем, сок, вино или суво грозје. Ова популарно овошје се одгледувало речиси пред 8000 години, кога за прв пат било култивирано во Средниот Исток. Можеби ќе ве изненади фактот дека грозјето припаѓа во групата на бобичесто овошје како боровинките, капините и аронијата. Секоја година, низ светот се произведуваат 72 милиони тони грозје, а повеќето од таа количина се користи за производство на вино.

Здравствените придобивки од консумацијата на грозје се многубројни, а истражувањата ги потврдуваат неговите лековити својства во превенцијата од канцер, срцеви заболувања, висок крвен притисок и констипација (запек).

грозје

Нутритивни вредности

Во 100 грама грозје има приближно 70 калории, 1 грам растителни влакна, 1 грам протеини па може да се каже дека е одлична храна која не треба да се двоумите за да ја консумирате! Притоа, препорачливо е да се јаде целото зрно, вклучително со обвивката и семката која е во него, бидејќи на тој начин се подобрува варењето на храната. Семките се богати со линолна киселина која е корисна за кожата и помага против воспаленија, сува кожа, алергии, а исто така помага против болки во зглобовите.

Лесно сварливите шеќери кои ги содржат зрната грозје во голема мера се одговорни за поттикнување на метаболизмот и полесно отстранување на токсичните материи од организмот, а со тоа помагаат при опстипација (запек).

Витамини

Црвеното грозје е добар извор на неколку витамини. Една чаша црвено грозје содржи 16 мг од витамин Ц, со што се задоволуваат 27% од дневните потреби за овој витамин. Исто така е богато со витамин К, а во помала мера ги содржи витамините од Б групата, витаминот Е и А.

Минерали

Црвеното грозје е богато со минерали, особено со калиум, бакар, манган и железо. Една чаша грозје задоволува 10% од дневните потреби на организмот за калиум и бакар. Во помала количина грозјето содржи калциум, магнезиум, цинк и селен.

Ресвератрол

Црвеното грозје содржи ресвератрол кој е значаен полифенолен антиоксиданс. Овој антиоксиданс е концентриран во кората на црвеното грозје. Тој има антиинфлматорни и антиоксидативни својства, и може да ги активира ензимите на црниот дроб кои помагаат за елиминирање на штетните материи во телото. Се претпоставува дека ресвератролот може да има улога во превенцијата на канцер и срцеви заболувања, како и продолжување на животниот век. Покрај тоа, грозјето го намалува заморот и помага при желудочни киселини.

Сподели: