Убавото време е мотиватор за да патуваме често, а изборот на храна која може да се носи и да биде здрава и домашна е многу ограничен. Ви предлагаме еден рецепт за домашни интегрални грицки директно од кујната на Сѐ за храна.
Овие солени залчиња ќе ви овозможат вкусна закуска каде и да сте кога и што ќе посакате. Ние ќе ви дадеме идеја, а вие по желба можете да додавате или заменувате состојки, соодветно на вашиот вкус и креативноста во кујната.

Состојки:
- 1 шолја овесни снегулки
- 2-3 грста штавеј, спанаќ, блитва или друг зеленчук по желба
- 1/2 до 1 лажица сол (по вкус)
- 100-150 гр сирење (по желба)
- 50 гр лупен сончоглед
- 2-3 лажици ленено семе
- 1 јајце
- 100 гр сусам
- 1/2 ќесичка ким
- 100 гр трици
- 1/2 филџан брашно (може да користите бело доколку немате интегрално)
- 1/2 филџан масло
- 300 мл пиво.
Подготовка:
- Откако сте ги набавиле сите состојки и ги имате на располагање, зеленчукот (штавеј, спанаќ, блитва или друг зеленчук по желба) измијте го и ситно исечкајте го, а сирењето иситнете го.
- Во поголем сад, ставете ги сите состојки и убаво измесете ја смесата, додека не се соединат сите состојки.
- Во намрсена тава за печење, а доколку сакате може да ги печете врз пекарска хартија, директно ставајте ги формираните грицки. За што полесно формирање на домашните интегрални грицки, за обликувањето може да користите кујнска лажица.
- Интегралните грицки се печат малку подолго од оние направени од бело брашно, на температура од 200 степени додека убаво не заруменат и не постигнат доволна цврстина.