Домашните пишии се одлични за појадок, ужинка или оброк за носење на работа, училиште или екскурзија. Па, да го пробаме и ние едноставниов рецепт по предлог на Катерина М. Ништо комплицирано, се меси тесто, се сука, пржи и на крај се ужива во прекрасниот вкус.
Состојки:
Тесто:
- 220 гр брашно
- 2-3 лажици масло
- 1 рамна лажичка сол
- прстофат шеќер
- прстофат свеж квасец
- по потреба млака вода.
За полнење:
- по потреба рикота (или замена урда).
За посипување на корите при сукањето:
- по потреба мешавина од пченично и пченкарно брашно.
- масло за попрскување на корите, масло за пржење.
Подготовка:
- Во подлабок сад ставете ги брашното, маслото, солта, шеќерот и квасецот и со постојано месење додавајте млака вода.
- Месете додека добиeте меко и нелепливо тесто.
- Поделете го тестото на 2 дела. Од секој дел формирајте топче, а потоа оставете ги да нараснат околу 20-30 минути.
- Секое топче тесто расукајте го во тенка кора. При сукањето посипувајте по потреба од мешавината на пченично и пченкарно брашно.
- Попрскајте ја кората со масло, а потоа преклопте ја од горната и долната страна до половина,
- Нанесете од рикотата (урдата), попрскјате со масло, па преклопете од двете бочни страни.
- Благо наберете ја и пржете во загреано масло додека убаво зарумени од двете страни.
- Повторете ја постапката и со другата кора.
На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска