брза сусам торта

Експресно брза сусам торта

Блага ужинка која експресно брзо се спрема, а посебно погодна за детски вкус! Рецептот ни доаѓа од кујната на Клара за кој таа вели: „Рецептот за овој колач, кој носи име сусам торта е од мојата братучедка, кога во касните ноќи на нашата младост игравме јамб, па кога ни се јадеше нешто, ова беше една од брзите алтернативи што ни доаѓаше нешто како ноќна ужина“.

Она што е добро е тоа што не ви е потребен миксер за да ја направите сусам тортата. А за поздрава варијанта, ви предлагаме да ја направите оваа сусам торта со кафеав шеќер и интегрално брашно.

брза сусам торта

Состојки:

  • 1 јајце
  • 1 чаша шеќер
  • 1 чаша млеко
  • 1/2 чаша масло
  • 2 лажици мармалад од црни сливи или по желба
  • 1 лажиче сода бикарбона
  • 2 чаши брашно
  • сусам за посипување.

Подготовка:

  1. Големината на чашата за овој колач е варијабилна, но ви предлагаме да земете чаша со големина од околу 220-230 мл.
  2. Во длабок сад за матење ставете го јајцето и изматете го со жица за матење. Потоа во садот додајте го шеќерот и продолжете со матење.
  3. Штом смесата ќе се згусти, во садот со јајцето додајте ги млекото и маслото. Измешајте.
  4. Брашното пресејте го со сито и ставете го во длабока чинија. Во чинијата додајте ја содата бикарбона и измешајте.
  5. Во садот со изматеното јајце додајте ги мармаладот и брашното помешано со сода бикарбоната. Добро измешајте ги сите состојки за да се добие хомогена смеса.
  6. Смесата за сусам тортата ставете ја во тава со големина 28, претходно обложена со хартија за печење. Потоа, наросете ја со сусам.
  7. Печете во загреана рерна на температура од 200 степени, додека тортата потемни од горе и површината е цврста при благ допир. Печената сусам торта извадете ја од рерната, оставете ја да се излади и послужете ја. На здравје!

Рецептот го испратил: Клара Бос

Сподели: