Еве супер можност да пробате нешто ново, но интересно и вкусно! Предлогов за запечената фритата со сирење и авокадо ни доаѓа од нашата пријателка Диана, која рецептот го сподели на нејзиниот блог Trydiani.
Овој италијански омлет е кремаст и ароматичен, а состојките совршено се вклопуваат. Рецептот е креиран од Marc Matsumoto кој ја разработувал идејата за подготовка на совршена фритата.

Состојки:
- 4 големи јајца
- 1 лажица течна павлака за готвење
- 1-2 лажици масло
- ½ главица сечкан кромид
- ½ авокадо
- 60 грама камембер (може да користите сирење по избор)
- сол и мелен црн пипер по вкус
- 1 лажица ситно сечкан магдонос.
За гарнирање:
- листови салата
- авокадо
- див лук
- печен леб.
Подготовка:
- Рерната се загрева до 250 степени.
- Авокадото се сечка на коцки. Сирењето се сечка на покрупни парчиња.
- Во сад за матење се ставаат јајцата, павлаката и малку сол. Се матат со миксер додека се добие хомогена смеса.
- На шпоретот, на умерена температура, се става тава со дебело дно. Најдобро е да користите тава која може да се стави и во рерна за да се испече фритатата.
- Во тавата се додаваат маслото и сечканиот кромид. Кромидот се запржува додека добие светло кафеава боја. Во тавата се додаваат сечканото авокадо, сол и мелен црн пипер.
- Потоа, во тавата се додаваат смесата од јајца, сирењето и магдоносот. Се остава смесата да се запече кратко, а повремено се меша. Штом јајцата ќе започнат да се згуснуваат, тавата се става во затоплената рерна.
- Фритатата се пече за време 5 до 6 минути, или додека порумени. Потоа се вади од рерната и се остава уште 5 минути да се излади.
- Со помош на шпатула или тенок нож, фритатата се вади од тавата и се сече на парчиња по желба.
- Се сервира со парчиња печен леб, сирење и авокадо. Совршена, зарем не?!
Ви предлагаме да прочитате: Летна фритата со тиквичка и модар патлиџан.