Ова е еден малку поинтересен рецепт од обични состојки кои сите ги имаме во домовите. Може да се подготвува во било кое време, а посебно е омилен за време на зимските денови и празникот Василица. Па, изненадете ги гостите или домашните со креативно подготвен оброк од колбаси со пире и сос од сенф.
Вкусот е одличен, а ќе бидете сигурни откако ќе пробате и вие.

Состојки:
- 1 кг колбаси
- 4-5 поголеми компири
- 2 моркови
- 2 лажици сенф
- неколку гранчиња магдонос, по вкус
- сол и црн пипер по потреба
- малку масло.
Подготовка:
- Компирите излупете ги и измијте ги, па исечете ги на парчиња. Во поголемо тенџере ставете вода и додајте ги компирите да се варат додека омекнат убаво. Ако ве интересира да ја дознаете техниката за најбрзо варење на компири, кликнете тука.
- Варените компири, исцедете ги и изгмечете ги со алатка за пире. Трик советите кои може да ви помогнат за да имате совршено пире со мазна текстура, може да ги прочитате тука.
- Во друг сад ставете да се варат морковите. Морковите претходно треба да се излупени и исечкани на ситни коцки.
- Додека се вари зеленчукот, испржете ги колбасите во малку масло.
- Откако сте завршиле со пржењето, а маслото се изладило, можете да започнете со подготовка на сосот за пирето.
- Сварените и испасирани компири соединете ги со ситно сечканите моркови, а потоа додајте го сосот од сенф.
- Сосот ќе го направите така што, во посебен сад ќе измешате 3 лажици од маслото во кое се пржеле колбасите со двете лажици сенф. Добро измешаната содржина турете ја во пирето, посолете, додајте црн пипер и измешајте.
- На крај, ситно исечкајте малку магдонос и додајте го во смесата или декорирајте го пирето со него.
- Сервирајте топло и пресно, на здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Домашно пире од компири – избегнете 7 најчести грешки.