Крем чорба со ким

Рецептот за оваа лесна крем чорба со ким ни доаѓа од кујната на Лана. Нас особено ни се допадна затоа што има фина и кремаста структура, а истовремено е и многу освежителна. Затоа, оваа чорба е совршена за летните, жешки денови, но секако може да се подготви во било која сезона.

Уште еден голем плус за оваа чорба е тоа што се прави брзо и лесно од состојки кои секој ги има дома. Па, направете нешто добро за вашите најмили и подгответе им ја оваа хранлива и освежителна чорба со ким.

крем чорба со ким

Состојки:

  • 2 главици кромид
  • 2 ½ лажици брашно
  • 2 лажички ким
  • 1 лажичка сол
  • 1 коцка за супа
  • 1 лажичка шеќер
  • 2-2,5 л вода
  • 300 г кисела павлака
  • сок од 1 лимон
  • 2 јајца
  • 25 г путер
  • масло по потреба.

Подготовка:

  1. Кромидот добро исчистете го и ситно исечкајте го.
  2. Во тенџере на оган ставете го путерот и додајте малку масло. Штом путерот се растопи додајте го сечканиот кромид и запржете го.
  3. Во запржениот кромид додајте ги брашното и кимот. Мешајте со лажица додека почувствувате пријатна арома од кимот.
  4. Потоа, постепено додајте ја ладната вода. Најпрво ставете мала количина на вода, колку да се размати брашното, а потоа додајте ја и преостанатата количина. За да немате грутки, користете жица за матење.
  5. Вака подготвената чорба оставете ја да вари околу 5 минути, па во неа додајте ја и коцката за супа и зачинете со сол и шеќер.
  6. Откако ќе зоврие, намалете ја температурата на шпоретот и оставете ја да вари уште 10 минути.
  7. Во меѓувреме во длабок сад разматете ја павлаката со јајцата и лимоновиот сок. Матете додека добиете хомогена смеса.
  8. Смесата од јајца и павлака додајте ја во чорбата.
  9. Вака подготвената чорба варете ја уште неколку минути. Готовата крем чорба со ким послужете ја додека е топла. На здравје!

Совет плус:  Чорбата ќе има уште подобар вкус доколку дел од кромидот го замените со ситно исечкан праз.

Ви препорачуваме да прочитате: Крем чорба од ослич.

Сподели: