Штом го здогледавме, знаевме дека е добра идеја! Изгледот кажува многу овој пат! Пролетта и летото се сезони кога свежата храна ја имаме во изобилство, па треба да го користиме тоа и да ја комбинираме на креативни начини. Таков е и овој омлет со свежо нане, неодоливо вкусен и ароматичен!
Кате со задоволство споделува: „Еден од моите поомилени омлети. Нането му дава преубав вкус. Може да го јадете со домати или јогурт. “ Повелете рецептот, пригответе го и на здравје!

Состојки:
- 3 јајца
- 10-тина ливчиња свежо нане
- 3 млади кромидчиња
- 1 преполна лажица рикота (за замена може да користите несолена урда)
- сол по потреба
- масло по потреба.
Подготовка:
- Младите кромидчиња исечкајте ги и ставете ги на загреано масло да се запржат.
- Во сад изматете ги јајцата, сечканото нане и рикотата, па посолете по вкус.
- Откако кромидот малку ќе омекне додајте го во садот со јајцата и измешајте.
- Истурете ја смесата во тавата во која се пржел кромидот и поклопете со капак.
- Откако ќе се запржи од долната страна покријте со чинија чиј дијаметар е помал од тој на тавата и превртете.
- Вратете во тавата за да се запржи и другата страна. Тоа е тоа, време е за дегустација!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Омлет палачинки со сирење.