Некогаш е потребно малку да ни се поттикне креативноста и за кратко време, баш на брзинка да спремиме нешто вкусно. Ви предлагаме да го пробате овој едноставен рецепт за омлет палачинки со сирење.
Потсетуваат на подебели палачинки кои се исклучително меки и вкусни. Ако ги имате дома состојките можете да ги направите за вечера или утре како појадок. Нашата пријателка Лана го препорача рецептов и ни кажа дека количината е доволна за 4 лица.

Состојки:
- 3 јајца
- 150 гр брашно
- 150 мл вода
- 150 гр рендано сирење (по можност младо сирење, а може и кашкавал)
- малку млад кромид
- 1 мала лажичка сол.
Подготовка:
- Кромидчето исечете го на мали кругови и кратко пропржете го во малку масло.
- Јајцата изматете ги со помош на виљушка, додајте ја водата и солта, брашното, изренданото сирење и динстаниот кромид.
- Добро промешајте и оставете да одмори околу 20 минути.
- Во тавата додајте малку масло и добро загрејте ја. Испечете 4 подебели палачинки, прво од едната, па од другата страна. Преклопете ги на половина и поросете со сечкан млад кромид. Послужте ги додека се топли и на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Направете јапонски омлет.