Овие мафини од лиснато тесто со спанаќ и сирење може да ги послужите како топло предјадење или како богат појадок за некои посебни денови кога имате повеќе време на располагање. Во секој случај вкусните мафини нема никого да го остават рамнодушен, а тоа е секако најважно. Најголем подарок за оној кој готви се секако задоволните насмевки и позитивните критики на дегустаторите.
Исто така, може да ги послужите за слави, родендени, имендени или за било која друга семејна свеченост. Лесно и брзо се прават, а уште побрзо се јадат!

Состојки:
- 1 пакување лиснато тесто
- 6 листови шунка
- ¾ чаша изварка (урда)
- ½ чаша рендана моцарела
- 2 лажици млеко
- мускатно оревче по желба
- сол и мелен црн пипер по вкус
- 1 лажица маслиново масло
- 1 мала главица црвен кромид
- 1 чешне лук
- 4 чаши листови млад спанаќ
- 1 јајце.
Подготовка:
- Во длабок сад измешајте ги ситно сечканата шунка, изварката, моцарелата, млекото и зачините.
- Кромидот и лукот ситно исечкајте ги.
- Во тава на оган, на загреано масло кратко запржете ги кромидот и лукот колку да омекнат, а потоа додајте го и спанаќот.
- Откако ќе омекне и спанаќот, тргнете го зеленчукот од оган и промешајте го со сирењето и шунката.
- Лиснатото тесто развлечете го во тенка кора и исечете го на 12 еднакви квадрати. Доколку немате калап за мафини, можете да ги направите во форма на мали пити, при што тестото ќе го исечете на 4 квадрати, а плехот ќе го обложите го со хартија за печење.
- Во отворите на калапот ставете од лиснатото тесто. На средината ставете од претходно подготвениот фил. Краевите од тестото свиткајте ги на внатре, така што средината на питите да не биде покриена со тесто.
- Тестото премачкајте го со разматено јајце, а по желба мафините може да ги поросите и со рендан кашкавал.
- Вака подготвените мафини печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 10 до 15 минути, додека поруменат. Послужете ги додека се топли. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Рустична лисната пита со бешамел сос.