Не сакате да месите, а питите ви се слабост? Имаме нов рецепт, наменет за сите љубители, на брзи, лесни, но многу вкусни рецепти. Пробајте ја рустичната лисната пита со бешамел сос!
Катерина е експерт во кујната кога станува збор за вакви пити. А ние, просто не можеме да им одолееме, па мора да споделиме рецептот и уживаме во дегустацијата. Многу и сме благодарни на Кате, за овој преубав рецепт.
Состојки:
- 230 г округло лиснато тесто
- 100 г тенки листови шунка
- 100 г тенки парчиња кашкавал
Бешамел сос:
- 250 мл млеко
- 20 г путер
- 30 г брашно
- прстофат сол, црн пипер, морско оревче.
Подготовка:
- Прво направете го бешамелот сосот. Ставете го млекото во сад на тивок оган да се загрева.
- Во мало тенџере растопете го путерот. Во тенџерето, доодајте го брашното и пропржете го.
- Со постојано мешање со жица додавајте го топлото млеко. Мешајте додека сосот се згусти.
- На крај додајте малку сол, црн пипер и морско оревче.
- Покријте го тенџерето со најлонска фолија и оставете да се подолади бешамелот.
- Во кружен капал (бр. 28) ставете го лиснатото тесто заедно со хартијата што е во пакувањето (доколку има). Доколку нема, калапот обложете го со хартија за печење.
- Лиснатото тесто избоцкајте со виљушка. Наредете ги шунката, кашкавалот и одозгора бешамелот.
- Краевите од лиснатото подвиткајте ги. Калапот ставете го да се пече во загреана рерна на 200 степени за време од 35 минути.
Совет: На неколку минути при крај на печењето ако многу ви темнее бешамелот ставете алуминиумска фолија само врз тој дел.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Лисната пита со фил од печурки.