Мешан ориз со пилешко, печурки и магдонос 1

Мешан ориз со пилешко, печурки и магдонос

Оризот е храна која може да се комбинира на милион начини, нескромно речено! Па, еве уште еден добар рецепт за мешан ориз со пилешко, кој го испробавме со семејството и многу ни се допадна, па ви препорачуваме да го пробате штом сте во можност.

Може да ве интересира: Ориз со пилешко, печурки и сос од брокула.

Мешан ориз со пилешко, печурки и магдонос 2

Состојки:

  • 250-300 гр ориз
  • околу 400 гр пилешки стек (или 2 парчиња)
  • 200 гр свежи шампињони
  • 1 помала главица кромид
  • свеж магдонос по потреба
  • сол и црн пипер по треба
  • масло по потреба.

Подготовка:

  1. Оризот прво прегледајте го дали има заостанати камчиња или доколку сте сигурни дека е чист, исплакнете го. Потоа, ставете го да се вари во поголема количина на вода која врие. Оставете го да се свари, но внимавајте да не е многу преварен. Сварениот ориз исплакнете го со ладна вода и ставете го во ситна цедалка за да се исцеди.
  2. Пилешкиот стек ставете го да се вари во одделен сад, а потоа исечкајте го на ситни парчиња кои добро ќе се спојат со оризот подоцна.
  3. Печурките исечкајте ги ситно исто така.
  4. Во меѓувреме, во тава на оган ставете малку масло и додајте го ситно сечканиот кромид. Запржете го малку, па додајте ги и претхходно сварениот и исечкан стек, како и ситно исечканите печурки.
  5. Пржете додека печурките и кромидот омекнат, односно ја намалат двојно својата големина.
  6. На крај, во тавата додајте го и исцедениот ориз, зачинете со сол, црн пипер и ситно сечкан свеж магдонос. Добро промешајте, сервирајте во вид на топки и на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Оброк салата од ориз и варено месо.

Сподели: