Колку убаво изгледаат овие посни колачи со мармалад! Крцкави, вкусни и најдобри за кафе со вашата најдобра пријателка!
Штом станува збор за талент и љубов кон храната, ги имаме само најубавите зборови на Невена. Благодарение на нејзините вешти раце и големата креативност, овај пат споделуваме фантастично добар рецепт. Сигурно и вам ве намамија да ги пробате, а ние веќе ги испробавме и дегустиравме. Што да речеме? Состојките ги имате во кујната, одвојте малку време и засладете го семејството.

Состојки:
- 1 чаша (од 200 мл) кисела вода
- 1 чаша (од 150 мл) масло
- 1 чаша (од 150 мл) шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- рендана кора од лимон
- рендана кора од портокал
- 2 лажички прашак за печиво
- ¼ лажичка сода бикарбона
- околу 600-650 гр брашно.
Фил:
- по потреба мармалад од кајсии или по желба
- по потреба шеќер во прав за посипување на колачите.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги сите состојки освен брашното. Брашното постепено додавајте го и замесете убаво изедначено, средно тврдо тесто.
- Од тестото на работна и посипана со брашно површина развлечите кора дебела 3-4 мм. Оваа дебелина мислам дека е доволна зашто при печењето малку ќе нараснат и кога ќе се спојат да не бидат премногу високи.
- Со калапчиња, пола цели пола со дупче на средина правите колачи и ставајте ги во плех со хартија.
- Остатоците од тестото се собираат, се месат, се прави кора и пак колачи се додека не се потроши тестото.
- Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 10 минути, така што од долната страна ќе добијат кремаста боја, а одозгора се посветли.
- Оставете ги малку да се изладат и лепете ги по две со по едно мало лажиче мармалад.
- Одозгора посипете ги со шеќер во прав или ако сакате и цели извалајте ги во шеќерот.
- Јас некои направив само така без лепење. Кората е развлеков малку повисока околу 7-8 мм и ги печев по 12-13 минути. Како и да се одлучите ќе добиете многу вкусни колачиња. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Посни колачи со пиво, гриз и кокос.