salata so kinoa

Перуанска салата со киноа и домати

Време е за сезонска и многу здрава салата! Позната е уште како перуанска салата со киноа „Дар од ѕвездите“. Оригиналниот рецепт е дело на Саша Мартин, позната блогерка, но во своја верзија го преработи нашата добра пријателка Диана.

Мора да признаеме дека одлично изгледа, а повеќе фотографии од салата може да најде на блогот Trydiani. Иако потекнува од Перу, сепак сите состојки кои се користат се лесно достапни и кај нас. Салата е вегетаријанска, не содржи глутен, а се препорачува и како појадок во хроно исхраната.

салата со киноа

Состојки:

  • 1 чаша киноа
  • 2 чаши вода
  • ½ мала лажичка сол
  • 1 помала краставица
  • 2 домати
  • ½ главица црвен кромид
  • 1 пиперка
  • ¾ чаша бело овчо сирење
  • 1/3 чаша ситно сечкан свеж магдонос
  • 1 до 2 лимети (свежо цеден сок по вкус)
  • ¼ чаша масло
  • сол по вкус.

За декорација:

  • 2 до 3 авокада
  • маслинки
  • магдонос
  • пиперки или домати.

Подготовка:

  1. Киноата добро измијте ја. Потоа ставете ја во тенџере на оган. Додајте ја водата. Киноата најдобро е да се вари во сооднос 1:2.
  2. По препорака на Саша Мартин, измиената и киноа се става во сува тава на средна температура, околу 5 минути за да се почувствува аромата. Потоа се додава водата и половина мала лажичка сол и се остава да вари. Штом водата зоврие, тенџерето се покрива со капак и се намалува температурата. Се остава киноата да се вари за време од 15 минути или додека зрната стават полупрозрачни и меки. Потоа, тенџерето се трга од огнот и се остава киноата да се излади до собна температура.
  3. Краставицата, доматите, пиперката, кромидот и сирењето исечете ги на мали коцки.
  4. Во длабока чинија ставете го сечканиот зеленчук и зачинете со сечканиот магдонос, свежо цеден сок од лимета, масло и посолете по вкус. Измешајте ги зеленчуците. Во чинијата може да се додаде и киноата.
  5. Потоа во чинии или чаши, ставете малку магдонос, додајте ја варената киноа и на крај сечканиот зеленчук. По желба декорирајте ги садовите со сечкани домати, авокадо, кромид, маслинки, магдонос и киноа. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Печени ќофтиња од киноа, тиквички и сирење.

Сподели: