Ви припремивме супер рецепт за вегетаријански ќофтиња од брокула и просо со ленено семе, во нашата кујна. Здрави, нискокалорични, богати со растителни влакна и протеини, без глутен за секој да може да ги јаде.
Брокулата е зеленчук кој припаѓа на фамилијата на зелки, кељ и карфиол, а благодарение на хранливиот состав се препорачува во сите режими на исхрана, при зголемена телесна тежина и рестрикциони диети при канцер. Интересно е да се спомне дека зготвената брокула има повисока нутритивна искористливост од свежата брокула, па затоа препорачливо е брокулата да се користи во исхраната како додаток во вашите омилени каши и сосови, а одлично се вкопува и во комбинација со тестенини.
Просото е богат извор на нерастворливи растителни влакна, па така може да превенира создавање на камења во жолчната ќеса. Овие влакна исто така може да придонесат и во превенција на рак на дојката и во одредени други болести. Како и некои други житарки може и да го намали ризикот од појава на дијабетес тип 2.
Лененото семе го нарекуваат најмоќно растение на планетата. Тоа е вистински извор на здравје и се препорачува за секојдневна употреба во умерени количини од една до две мали лажички на ден.

Состојки:
- ½ чаша просо
- 2 чаши вода
- 1 ½ чаша брокула
- 1 јајце
- 1 лажица ленено семе од Фила (може да го купите тука)
- лук
- свеж копар
- сол
- мелен црн пипер.
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете ги водата и просото да се варат. Просото варете го за време од 15 до 20 минути.
- Во меѓувреме брокулата исечете ја помали цветови и ставете ја во тенџере на оган да се обари за време од 3 до 4 минути. Омекната брокула, лукот и копарот ставете ги во блендер и миксирајте ги. Доколку немате блендер, брокулата, лукот и копарот ситно исечкајте ги.
- Во сад ставете ги просото, брокулата, јајцето, лененото семе, посолете по вкус и наросете мелен црн пипер. Од смесата формирајте ќофтиња.
- Ќофтињата наредете ги во тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 250 степени за време од 10 до 15 минути. Печените ќофтиња од брокула и просо, послужете ги додека се топли со чили сос или свежа салата. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Уштипци од брокула.