Во потрага сте по вкусен рецепт за неделен ручек со вашето семејство или пак ви се најавија гости? – Вие сте на вистинското место. Пробајте го овој рецепт за печено пилешко месо со компири кој го најдовме на блогот на нашата пријателка Лана и пријатно изненадете ги сите. Се подготвува во еден сад за готвење, па ќе заштедите на време за миење.
Кој може да одолее на крцкаво пилешко месо во комбинација со запечени компири? Сигурни сме дека ви отворивме апетит уште со самиот опис на јадењето. Подгответе го и имајте пријатни мигови со вашето семејство исполнети со убава храна и пријатна опуштена домашна атмосфера.

Состојки:
- 3 парчиња копан со наткопан
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- 500 г компири
- 200 мл млеко
- пармезан
- сол и црн пипер по вкус
- 1 лаворов лист
- рузмарин, магдонос, мајчина душица по желба.
Подготовка:
- Пилешкото месо добро посолете го и зачинете го со црн пипер од двете страни. По желба може да додадете и мелен црвен пипер.
- Зачинетото пилешко месо ставете го со кожата свртена надолу во тава на оган на претходно загреано масло.
- Додајте неколку зрна црн пипер, лаворов лист и зачини по ваш вкус и се заедно запржете околу 10 минути додека пилето добие убава кора од двете страни.
- Потоа, извадете го во еден сад и оставете го на страна.
- Компирите измијте ги, излупете ги и исечете ги на тенки листови, како за подготовка на чипс.
- Парчињата компири измијте ги под млаз со ладна вода, посолете ги и измешајте ги. Доколку треба подолго време да стојат пред подготовката ставете ги во сад со ладна вода.
- Во маслото во кое се пржело пилешкото месо, запржете ситно сечкан кромид додека стане стаклест и проѕирен.
- Додајте едно чешне лук и запржете го колку да замириса.
- Потоа додајте ги и компирите, прелијте ги со млеко и поросете ги со пармезан.
- Врз компирите наредете ги парчињата пилешко месо.
- Вака подготвеното пилешко месо со компири печете го во загреана рерна околу 30-40 минути, додека компирите и месото омекнат.
- Готовото јадење посипете го со магдонос или некој друг зачин по ваша желба и послужете го додека е топло. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко во сос од пиво.