Пилешко во сос од пиво

Доколку немате идеја што вкусно денес да им подготвите на вашите најмили, ние имаме супер предлог за вас. Направете пилешко во сос од пиво! Наместо да послужете традиционално печено пиле, згответе нешто ново и поинакво, а подеднакво вкусно. Станува збор за јадење кое се подготвува многу брзо и лесно, всушност како и сите други рецепти на  Лана.

Ова е совршен предлог и за викенд ручек, кога на семејната трпеза се собира целото семејство. А, сигурни сме дека ќе им се допадне на сите, бидејќи сите сакаат пилешко. Па, израдувајте ги најблиските и денес за ручек направете си вкусно пилешко во пиво.

пилешко во сос од пиво

Состојки:

  • 1 помало пиле, а може да се искористат копани со наткопани по ваша желба
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 гранче рузмарин
  • 200 мл пиво
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Доколку користите цело пиле, исечете го на помали парчиња и посолете го од сите страни.
  2. На загреано масло кратко запржете 2-3 цели чешниња лук. Додајте гранче рузмарин, а откако лукот ќе испушти убав мирис додајте ги и исечените парчиња пилешко месо.
  3. Пилешкото месо пржете го околу 10 минути се додека убаво зарумени.
  4. Потоа, додајте го пивото и намалете ја температурата на шпоретот. Поклопете го садот и динстувајте го пилешкото месо околу 30 минути додека омекне. Доколку течноста испари за време на готвењето, додајте уште малку пиво.
  5. Готовото пилешко месо послужете го со сосот во кој се готвеше месото и поросете го со ситно сечкан магдонос. Може да го сервирате со динстуван зеленчук или пак пире од компири. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко во вок тава.

Сподели: