Сезоната на зимници ни пристигна на голема врата. Низ дворовите се шири прекрасен мирис на печени пиперки, ајвар, слатко и разни вкусни, овошни мармалади. А рецепти, има многу. Денес на блогот на Лана наидовме на рецепт за пикантен доматен сос и намаз „чатни“ по индиски рецепт, кој ни го привлече вниманието.
Зимницата ја обожаваме, затоа што се прави во еден или два дена, а потоа се јади преку целата година. При тоа, на многумина од нас, овој дел од годината е омилен. Целото семејство се собира и учествува во подготовката на зимниците, има дружби и не е тешко, туку забавно. Па, доколку и вие сакате да експериментирате и секоја година да правите најразлични видови на зимница, а вашите тегли да изобилуваат со шаренило од вкусови, ова е вистинскиот рецепт за вас.

Состојки:
- 1,5 кг излупени домати
- 500 г модри патлиџани
- 2 чешниња лук
- 1 чили пиперка
- 2 главици црвен кромид
- 3 зелени јаболка
- 1 лажичка синап во зрно
- 1 лажичка анасон во зрно
- 1 лажичка ким
- мајчина душица по желба
- 1 помала чаша масло
- винска киселина по вкус
- шеќер по вкус
- сол по вкус
Подготовка:
- Најдобро е секоја од состојките да ја подготвите однапред. Па така, доматите добро измијте ги и кратко обарете ги во вода која врие, а потоа веднаш исплакнете ги под млаз ладна вода за полесно да може да ги излупите. Откако ќе ги излупите, ситно исечкајте ги.
- Модрите патлиџани добро измијте ги, излупете ги и исечете ги на ситни коцки.
- Јаболката излупете ги и исечкајте ги на коцки, исто така.
- Во длабок сад со дебело дно запржете ги кратко семките од синап, ким и анасон, без при тоа да додадете масло. Откако ќе испуштат убава миризба префрлете ги во друг сад.
- Крмидот, лукот и чили пиперката ситно исечкајте ги.
- Во садот во кој ги запрживте семките, додајте масло и кратко запржете ги кромидот, лукот, чили пиперката и мајчината душица.
- Потоа, додајте ги и исечканите домати, модрите патлиџани и јаболката. Динстувајте околу 10 минути.
- Додајте ги винската киселина и шеќерот. Во оригиналниот рецепт се додава околу 1 чаша, но најдобро е прво да додавате по малку и да пробате по ваш вкус. Додајте и сол по ваш вкус.
- Варете на тивок оган околу 45 минути, додека испари вишокот на течности и додека доматното пире добие убава густина.
- Готовото доматно пире соберете го во жешки и стерилни тегли кои добро ќе ги затворите.
- Вака подготвеното „чатни“ може да го послужите како додаток на печено месо, а е одлично мезе и со печени лепчиња. На здравје!
Напомена: Ова доматно пире оргинално се прави со зелени јаболка, но по ваша желба истите може и да ги изоставите.
Ви препорачуваме да прочитате: Ајвар од тиквички – лесен намаз за зимница.