Лесен и едноставен рецепт за сите обожаватели на пилешко во кари сос! Овај пат во нашата кујна ви приготвивме интересен предлог за пилешко во кари сос во комбинација со зеленчук и ориз, кој може да го послужите за ручек или вечера. Штом еднаш ќе го пробате, сигурно ќе се најде на вашата листа на омилени рецепти, а добро е тоа што не содржи глутен.

Состојки:
- 1 поголем пилешки стек
- 200 грама златна мешавина (морков, грашок, пченка)
- 200 мл кисела павлака
- 1 чаша ориз
- масло по потреба
- ½ мала лажичка кари
- сол и црн пипер.
Подготовка:
- Оризот исчистете го и измијте го со вода.
- Во тенџере на оган на висока температура ставете 2 чаши вода. Тенџерето покријте го со капак. Штом водата ќе зоврие во тенџерето додајте го оризот, посолете, наросете црн пипер и намалете ја температурата. Тенџерето покријте го капак и оставете оризот да се вари за време од 8 до 10 минути, без притоа да мешате. Потоа тргнете го тенџерето од оган и оставете го поклопено уште 5 до 10 минути. Варениот ориз измешајте го со вилушка.
- Пилешкиот стек исечкајте го на мали коцки со димензии околу 1 см.
- Во тенџере на оган ставете вода и додајте го исечканиот пилешки стек. Варете го за време од 20 минути.
- Во друго тенџере на оган ставете ја златната мешавина и додајте вода. Оставете зеленчукот да се вари за време од 10 до 15 минути.
- Во тава на оган ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло ставете го пилешкиот стек и кратко пропржете го. Во тавата додајте го варениот зеленчук и пржете уште една до две минути. Потоа додајте ја киселата павлака и ставете 50 мл вода. Измешајте ги состојките, посолете ги, наросете црн пипер и додајте го кари зачинот. Ако го обожавате вкусот на карито, може да додадете повеќе зачин. Оставете пилешкото месо со зеленчук да се динстаат 3 до 4 минути.
- Во чинија за сервирање ставете од варениот ориз и додајте го пилешкото месо во кари сос со зеленчукот. Декорирајте со ситно сечкан магдонос. На здравје!