Нема човек кој не обожава наутро со утринското кафе да си намачка и лепче со вкусен намаз. Ние имаме еден навистина интересен предлог за посен чоколаден намаз со путер од кикиритки, банана и урми, кој не само што е кремаст и вкусен, туку е и многу хранлив. А, најдоброто од се е што овој намаз е и посен, па супер ќе им дојде на сите оние кои постат. Испробано во нашата кујна, многу вкусно!
За време на пости секој рецепт е добродојден, бидејќи изборот на намирници е драстично намален, па често сите јадења кои ни се на располагање ни се здосадени. Нас особено ни се омилени оние рецепти кои не држат сити подолго време и ни обезбедуваат дополнителна енергија, затоа што општо е познато дека посната храна е пониско калорична. Овој рецепт е идеален за сите оние кои се активни, динамични и кои имаат потреба од дополнително ниво на енергија, бидејќи во себе содржи и урми и мед, па претставува вистинска енергетска бомба. А, особено ни се допаѓа тоа што буквално се подготвува за пет минути.

Состојки:
- 1 банана
- 1 лажица путер од кикиритки
- 1 лажичка какао
- 1 лажица мед
- 5 урми
Подготовка:
- Најпрво исчистете ги урмите од семки.
- Бананата излупете ја и исечете ја на кругови.
- Во кујнски сецко, блендер или процесор за храна додајте го исчистеното овошје и блендирајте додека добиете хомогена смеса.
- Во добиената каша од овошје, додајте ги и медот, путерот од кикиритки и какаото.
- Блендирајте уште кратко време, односно додека сите намирници се претворат во кремаст путер. Количината на мед може да ја прилагодите според вашиот индивидуален вкус за благо.
Совети плус: Од оваа доза ќе добиете помала количина на намаз која е доволна за еден оброк за две лица, а доколку сакате поголема количина, слободно може да ги зголемите состојките според вашите потреби. Доколку направите поголема количина, преостанатиот намаз може да го складирате во чиста тегла и да го чувате на темно место, а најдобро во фрижидер до наредното утро.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашен чоколаден намаз од банани.