Штом станува збор за посни десерти, рецептите на Невена се едни од најдобрите. Овој пат со вас споделуваме супер рецепт за посна чоколадна торта со банани и мармалад од кајсии.
Оваа посна чоколадна торта со банани е сочна, вкусна и лесна за подготовка. А штом ја пробате, не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднала.

Состојки:
- 100 гр чоколадо за готвење
- 150 гр кафеав шеќер
- 300 гр брашно
- 1 лажица какао
- 1 мала (150 гр) банана
- 350 мл млеко од ориз
- 80 мл масло
- 1 ванилен шеќер или арома од портокал, лимон или рум
- 1 ќесичка прашак за печиво.
За прелив:
- 4-5 лажици мармалад од кајсии
- 80 гр чоколадо за готвење
- 1 лажица маргарин или масло
- 2 лажици млеко од ориз.
За декорација:
- по потреба суво грозје, брусница и шарени шеќерни трошки.
Подготовка:
- Чоколадото стопете го над пареа и оставете го да олади (да биде млако).
- Во еден сад со виљушка изгмечете ја бананата со шеќерот, за да добиете кашеста смеса. Потоа додајте ги сувите состојки – какаото, ванилата и брашното. Измешајте ги.
- Додајте го и маслото. Млекото од ориз постепено додавајте го и мешајте да се изедначи смесата, да нема грутчиња.
- На крај додајте го стопеното чоколадо и прашокот за печиво. Повторно измешајте, за да се добие хомогена смеса.
- Смесата турете ја во тава (бр.26) намачкана со масло и посипана со брашно.
- Печете во загреана рерна на 180 степени, за време околу 30-35 минути. Потоа оставете ја во исклучена рерна уште 10-ина минути.
- Печената торта извадете ја од рерната и одма премачкајте ја со мармалад од кајсии. Оставете да олади и мармаладот да се зацврсти. Потоа на пареа стопете го чоколадото со маргаринот и млекото, и прелијте ја тортата. Над чоколадото наредете суво грозје, брусница и шарени шеќерни трошки. Оставете да се стегне чоколадото, а потоа исечете парчиња и послужете. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за посна чоколадна торта без масло.