Размрдајте го неделното мени со бургери во кои месото ќе го замените со смеса од леќа. Интересна, лесна и вкусна комбинација на состојки која сигурно ќе им се допадне и на децата. Рецептот за посни бургери со плескавици од црвена леќа ни го испрати нашата пријателка Викторија Спенџарска (vegan_viki_), а ние со задоволство го споделуваме со вас.
Црвената леќа е еден од најдобрите извори на растителни протеини и растителни влакна, а тоа ја прави важна намирница која треба да биде застапена во вашата исхрана, а особено се препорачува за вегетаријанци и вегани. Леќата може да се додаде во разни свежи салати, во супи или чорби од зеленчук, а ние ви предлагаме да направите посни бургери со плескавици од црвена леќа. Искомбинирајте ги со свежа салата по ваш избор и уживајте.
Состојки:
- 200 г црвена леќа
- 1 мала главица кромид
- 1 чешне лук
- 1 морков
- 2 лажици маслиново масло
- 2 лажици овесно брашно (мелени овесни снегулки)
- зачини по желба (хималајска сол, кари, сушен магдонос, оригано).
Подготовка:
- Леќата ставете ја во сад и сварете ја (околу 15 минути). Потоа, исцедете ја.
- Ставете ја во блендер заедно со останатите состојки и изблендирајте ги.
- Од добиената смеса формирајте плескавици со големина по ваша желба.
- Плескавиците редете ги во тава и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 20-25 минути.
- Готовите плескавици сервирајте ги во лепчиња за бургери и послужете ги. На здравје!
Совет плус од авторот:
- По желба, плескавиците може и да ги испржите, но во тој случај додајте уште 1 лажица мелени овесни снегулки за да не ви се распаднат при пржењето.
Автор на рецептот: Викторија Спенџарска (vegan_viki_).
Ви препорачуваме да прочитате: Салата со леќа, сирење и маслинки.