Посни макарони со сос од леќа

Кога сме кај посните рецепти, нашите пријателки се врвни експерти за тоа. Овој пат, Диана ни приготви многу интересен рецепт. Станува збор за посни макарони во сос од леќа, или уште познат како посен болоњезе сос.

Досега сме ја користеле леќата за во манџи, евентуално салата или за подготовка на ќофтиња. А сега, благодарение на овој рецепт ќе може да ја приготвуваме на уште еден начин.

посни макарони во сос од леќа

Состојки:

  • 400 грама посни макарони

Сос од леќа:

  • 1 чаша црвена леќа
  • 400 грама домати од конзерва
  • 1 – 1 ½ чаша доматен сок
  • 3 лажици масло
  • 150 до 200 грама сечкани печурки
  • 1 главица ситно сечкан кромид
  • 1 до 2 чешниња ситно сечкан лук
  • 1 сечкан морков
  • 1 лажица ситно сечкан магдонос
  • 1 лажица ситно сечкан целер
  • 1 мала лажичка сушено оригано/босилек (во замена може да се користи 1 лажица свежи зачини)
  • 1 лажица црвена пипер
  • 1 лаворов лист
  • неколку зрнца црн пипер
  • ½ лажичка шеќер
  • 1 лажица чили сос
  • црн пипер и сол по вкус.

За сервирање:

  • ¼ чаша сечкан магдонос
  • ¼ чаша чили сос
  • 1 лажица масло со зачини
  • црн пипер и јаткасти плодови за декорација по желба.

Подготовка:

  1. Леќата се мие, цеди и пред да се вари може да се накисне во вода. А за побрзо приготвување на сосот може да се користи и сварена леќа, а во тој случај потребни ќе ви бидат 2 чаши сварена и исцедена леќа.
  2. Во подлабока тава или тенџере на оган се става маслото да се загрее. Во него се додава сечканиот лук и печурките. Штом се запржат во тавата се додаваат кромидот, морковите и целерот.
  3. Се продолжува со запржување за време од неколку минути, додека омекнат.
  4. Потоа се зачинува со црн пипер, се додава леќата, сечканите домати, доматниот сок, шеќерот и сувите зачини. Се остава леќата да се вари. Ако е мала количината на течност се додава зеленчуков бујон, затоа што сосот треба да се вари за време од 20 до 40 минути, во зависност од сортата на леќата.
  5. На крајот од варењето се додава сечканиот магдонос и 1 лажица чили сос.
  6. Макароните се варат во врела, посолена вода, според упатството наведено на пакувањето. Варените макарони се цедат и се ставаат во чинии. Врз макароните се става сосот од леќа, се поросува со сечкан магдонос, пресно мелен црн пипер, малку чили сос и со ароматично масло. Готовите посни макарони во сос од леќа се служат додека се топли. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посни тестенини со доматно пире и босилек.

Сподели: