Невена ни кажа: „Мене многу ми се допаѓаат солени јадења со тиква, па еве еден предлог за посен оброк.“ Од фотографијата може да забележиме колку примамливо изгледаат нејзините солени палачинки со фил од тиква, па неизбежно беше да ги споделиме и секако да ги пробаме!
А, ако сакате да пробате и други вкусови на солени палачинки, прочитајте го рецептот за солени палачинки со фил од пилешко месо и печурки.

Состојки:
За палачинки:
- 1 литар кисела вода
- 550-600 грама брашно
- 10 лажици масло
- 1 лажиче сол
- на врв од лажиче прашок за печиво
За фил:
- 400 гр чистена и рендана тиква
- 1/4 главица кромид
- 6 лажици масло
- 1 мало филџанче вода
- сол и црн пипер по вкус
- малку масло за прскање на палачинките.
Подготовка:
- Во сад ставете ги сите состојки за палачинки и изматете ги со миксер за да се изедначи смесата и да нема грутчиња. Потоа во загреана тава, од смесата испечете палачинки.
- Оставете ги на страна и подгответе го филот.
- Во тава со малку масло, кратко пропржете го ситно сечканиот кромид, колку да замириса.
- Потоа, во тавата додајте ја тиквата и водата, пржете додека малку омекне.
- Додајте сол и црн пипер по вкус, измешајте и тргнете го садот на страна за филот да се лади.
- Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.
- Тавата за печење намачкајте ја со масло. Најдобро би било тавата за печење во рерна да биде колку што е големината на палачинките. На пример, ако тавата за палачинки ви е бр 26, толкава тава треба да користите и за печењето.
- Ставете една палачинка, попрскајте ја со 1-2 лажици масло и распоредете 2-3 лажици од филот со тиквата.
- Повторно ставете палачинка, порскајте со масло, па додајте од филот од тиква и повторувајте ги постапките додека се потрошат палачинките, така што последната да биде попрскана само со масло.
- Штом сте ги наредиле, исечете ги и ставете ги да се печат околу 35-40 минути.
- Штом завршите со печењето, покријте ги и оставете ги малку да изладат, па послужете ги. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Безглутенски солени мини палачинки со изварка.