Од добри и вкусни рецепти никогаш не би имале штета, нели?! Одлично изгледаат, посни се и можат да бидат добар појадок или ужинка во различни ситуации. Па, да видиме како може и ние дома да си направиме посни триаголници со праз и печурки.
За големината на триаголниците Невена сподели дополнителен совет со нас: „Јас сакав помали триаголничиња и затоа тестото го поделив на 4 дела. А кој сака може да си го подели на 2 дела и ќе се добијат поголеми триаголници.“ Прочитајте го рецептот и постапете по желба. На здравје!
Состојки:
За тесто:
- 300 мл топла вода
- 100 мл масло
- 1/2 коцка квасец
- 1/2 лажиче шеќер
- 1 лажиче сол
- околу 550-600 гр брашно.
За фил:
- 500 гр свежи шампињони
- 250 гр праз
- 10 лажици масло
- по вкус сол.
За премачкување на триаголниците:
- 1 лажица брашно
- 2 лажици вода
- малку куркума.
За посипување:
- сусам по потреба.
Подготовка:
- За подготовка на овие триаголници најпрво подгответе го филот за да има време да се излади. Печурките прво исчистете ги и измијте ги, па исечете ги на мали парчиња или тенки ливчиња. Ставете ги да се варат со малку сол и варете ги додека водата што ја пуштиле целосно испари.
- Потоа додајте масло и кратко пропржете ги
- Додајте го ситно исечканиот праз и заедно пржете ги неколку минути, за празот да омекне. Посолете по вкус и тргнете ја тавата на страна за да лади.
- Откако сте завршиле со филот, подготовете го тестото. Во сад за месење изронете го квасецот и додајте ги останатите состојки без брашното.
- Брашното постепено додавајте го и замесете средно меко тесто. Покриено, оставете го да одмори 20-тина минути.
- Тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел исучете поголема кора и попрскајте ја со масло. Свиткајте ја од горниот и долниот дел некаде до половина за да изгледа како правоаголник.
- По должината од кората ставете 1/4 од филот и краевите малку свиткајте ги. Кората свиткајте ја во ролат. Потоа исечете триаголници и ставајте ги во плех за печење намачкан со масло или обложен со хартија за печење. Постапката повторете ја со другите 3 кори.
- Откако ќе ги направите сите триаголници подгответе ја смесата за мачкање. Во чинија измешајте го брашното, водата и куркумата во густа смеса. Со четка премачкајте ги триаголниците и посипете ги со сусам.
- Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, а додека таа се загрева, тие ќе нараснат. Пред печење попрскајте ги со масло и печете ги околу 20-25 минути.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Посни триаголници со фил од компири.