посни чоколадни мафини со портокал

Посни чоколадни мафини со портокал

Чоколадо и портокал – тоа е нашата омилена комбинација и инспирација за подготовка на нови десерти! Овој пат ви приготвивме меки, сочни, вкусни посни чоколадни мафини со освежителна арома на портокал.

Подготовката на посните мафини е едноставна и брза. Накратко, во еден сад ги мешате сувите состојки, а во друг течните. На крај ги соединувате и смесата ја ставате во калапот за печење. Тоа е тоа! Потребни ви се околу 5 минути за подготовка и 30-тина минути за печење. А од наведените состојки ќе добиете 12 мафини.

посни чоколадни мафини

Состојки:

  • 200 грама брашно
  • 180 грама шеќер
  • 30 грама какао
  • ¼ мала лажичка сода бикарбона
  • 2/3 прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • ½ кора од портокал
  • сок од ½ портокал
  • ½ мала лажица киселина
  • 70 мл масло
  • 150-170 мл вода.

Подготовка:

  1. Во длабок сад се ставаат сувите состојки: брашното, шеќерот, какаото, содата, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и кората од портокал. Се мешаат за да се добие хомогена смеса.
  2. Сокот од портокал се става во мерен сад и во садот се дополнува со вода. Потребно е да се припремат 220 мл раствор од водата и сокот од портокал. Во мерниот сад се додаваат маслото и киселината. Растворот се меша.
  3. Во садот со брашното постепено се додава од растворот со водата. Смесата се меша за да се соединат состојките.
  4. Во калап за мафини се ставаат хартиени корпи. Доколку немате хартиени корпи, калапот можете да го намрсите и да го поросите со брашно. Сепак, подобро е да користите хартиени корпи за да може лесно да ги извадите мафините.
  5. Во секој отвор се ставаа од смесата до 2/3 од висината. Не ставајте повеќе од оваа висина, затоа што мафините ќе нараснат и може да се разлеат над калапот, а потоа ќе биде потешко да ги извадите.
  6. Вака приготвените мафини ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени за време од 25 до 30 минути.
  7. Печените мафини оставете ги да се изладат за време од 15-тина минути, а потоа извадете ги. Сервирајте ги со шеќер во прав и послужете ги. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Сочни мафини со цреши.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: