Ако сте љубители на чорби, ова е вистинскиот избор за вас! Време е за рибина чорба со домашно макало од лук по рецепт на Ана Наумовска! Се прави многу лесно и едноставно и е вистинско уживање за сите сетила.
Докажано е дека рибиното месо и рибиното масло како составен дел на редовната исхрана ја намалуваат веројатноста за настанувањето на инфаркт, ги штитат коските, го спречуваат настанувањето на ракот и го успоруваат процесот на стареење. Затоа, вклучете риба почесто во вашата исхрана и во прва прилика направете ја оваа превкусна рибина чорба со домашно макало од лук. Сигурни сме дека ќе ви се допадне!
Состојки:
За чорбата:
- поголемо парче риба
- 1 главица кромид
- 1 морков
- 2 чешниња лук
- праз по потреба
- целер по потреба
- 1 поголем компир
- ѓумбир и куркума по вкус
- мешан зачин и црн бибер по вкус
- 2 лажици брашно
- сечкан магдонос.
За макалото:
- неколку чешниња лук
- неколку јатки од ореви
- малку масло и киселина
- вода.
Подготовка:
- Во поголем сад со вода ставете ја главата од рибата да се вари.
- Во меѓувреме спремете го зеленчукот. Кромидот, морковот и лукот изрендајте ги и ставете ги во посебен сад. Додајте куркума и ѓумбир и измешајте.
- Празот, целерот и компирите ситно исечкајте ги.
- Откако рибата ќе се свари исцедете ја водата. Во сад ставете го зеленчукот и водата во која се варела рибата и продолжете со варење.
- Исчистете го месото од рибата.
- Откако зеленчукот ќе омекни изблендирајте го во блендер. Вратете го во садот и додајте ги парчињата риба. Ставете зачини и оставете да поварат заедно.
- Направете запршка со 2 лажици брашно и додајте ја во чорбата. Додајте ситно сечкан магдонос и оставете да вари уште 5 минути.
- Потоа, подгответе го макалото. Во блендер ставете го лукот, оревчињата, малку масло и киселина и вода. Изблендирајте за да добиете хомогена смеса.
- Готовата чорба послужете ја додека е топла во комбинација со макало и печено лепче. На здравје!
Автор на рецепт: Ана Наумовска (baked_with_love_by_ana).
Ви препорачуваме да прочитате: Грузиски специјалитет – хачапури.