Гурманска салата со домати, марула, сланина и варени јајца, прелиена со вкусен сос од јогурт, мајонез и сок од лимон. Одлична идеја за вечера кога не сте премногу гладни или како дополнување на ручекот.
Вкусот на салатата со домати, марула, сланина, јајце и топло печен леб е одличен и ви препорачуваме да ја пробате! А по желба, оваа салата може да ја збогатите со рендан кашкавал или пармезан.

Состојки:
- 6 мали парчиња француски леб (багет)
- 2 јајца
- 2 домати
- 2 чаши сечкани листови марула
- 4 ленти чадена сланина
За прелив:
- сол и црн пипер
- 2 лажица свежо цеден сок од лимон
- 2 лажици мајонез
- 2 лажици јогурт или кисело млеко
Подготовка:
- Во мало тенџере на оган, на средна температура ставете вода и додајте ги јајцата да се варат. Варете ги за време од 7 до 8 минути. Варените јајца, извадете ги од тенџерето и ставете ги во сад со ладна вода. Штом малку се изладат, излупете ги и пресечете ги на четвртини.
- Во нелеплива тава на оган, на средна температура ставете ги лентите сланина да се пржат. Пржете ги од двете страни за време од 2 до 3 минути, додека сланината стане крцкава. Потоа, пржената сланина извадете ја од тавата и ставете ја врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
- Во тостер испечете ги парчињата леб. Доколку немате тостер, на загреена рингла на шпоретот ставете алуминиумска фолија. Врз фолијата ставете ги парчињата леб и печете ги од двете страни, додека поруменат.
- Доматите измијте ги и исечете ги на парчиња.
- Во длабок сад ставете го мајонезот, јогуртот, сокот од лимон, посолете и зачинете со мелен црн пипер. Измешајте ги состојките за преливот.
- Во две чинии ставете половина од марулата и додајте половина од преливот за салата. Измешајте ги убаво. Врз марулата ставете ги парчињата печен леб, сланината и доматите. Посолете и зачинете со црн пипер. Готовата салата послужете ја веднаш. На здравје!