Преубаво мезе, посебно за љубителите на сирење. Декоративно многу, а и превкусно! Овој интересен рецепт го најдовме на страницата на нашата пријателка Весна. Откако прочитавме за нејзиното воодушевување за вкусот на вака припременото сирење со ореви и зачини, а и дознавме дека ова е еден од најбараните рецепти за свечените и празнични трпези каде што живее таа, не се двоумевме да го споделиме со вас.
„Оревите знаеме да ги ставиме во многу солени јадења, печени пиперки, пинџур, модри патлиџани… А во Швајцарија, едно од најубавите сирења ми беше токму сирењето со ореви. Овој рецепт е со бело сиренце и исто така е преубав. Вие направете си го по ваш вкус, тоа е најдоброто и највредното, само треба да сте отворени и за нови комбинации, и за нови вкусови…“ – вели Весна, а во продолжение повелете нејзиниот опис за рецептот.

Состојки:
- 350 гр бело сирење
- 1 -2 лажици павлака
- 1 шака сечкани ореви
- издробена сува пиперка
- 2- 3 чешниња пресован лук
- една шака пржен сусам
- издробено чили пиперче или лут буковец
- црн пипер по вкус
- сол по потреба.
За посипување:
- 100 гр толчени (или мелени) ореви
- ситно сечкан рузмарин
Подготовка:
- Најпрво, ставете го во тава и со постојано мешање испржете го сусамот.
- Сирењето испасирајте го убаво.
- Сега додадете ги сите состојки, а и други ако имате желба.
- Убаво измешајте ја смесата и со раце направете долгнавеста форма.
- На фолија ставете ги оревите и рузмаринот, а потоа извалкајте го сирењето.
- Завиткајте го и ставете го на ладно за да се стегне. И тоа е сé, преубаво мезе, доста јако е на вкус, но е одлично за мезење. На здравје!
Препорака плус: Ако сирењето не е многу солено, може да додадете и малку сол. Ако сакате да има покремаста конзистенција, додајте и павлака.
Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com.
Ви препорачуваме да прочитате: Похувано биено сирење за мезе.