Специјално за сите љубители на убавата храна и здравиот изглед на телото, специјално креиравме хранлив вегетаријански рецепт за сладок компир со спанаќ и грав, кој слободно може да го јадите како главно јадење. Се подготвува доста лесно, а исто така не одзема многу време.
Вкусот на сладок компир со спанаќ и грав е фантастичен и топло препорачуваме да го пробате што поскоро! Слаткиот компир е заслужен за пријатниот вкус, а заедно со гравот и спанаќот се вклопуваат многу добро и создаваат основа која убаво ќе ве нахрани и ќе ве држи сити и енергични подолго време. Во рецептот се содржат 4 порции, а во една порција има 301 калорија, 58.7 гр јаглени хидрати, 1.2 гр масти и 17.5 гр протеини, а што е важно јадењето не содржи ниту холестерол, ниту глутен.

Состојки:
- 1 кг сладок компир со вкус на тиква
- 1 средно голема главица кромид
- 250 гр црн грав
- 250 гр бел грав
- 500 гр свеж спанаќ
- 1 лажица ким или по потреба
- сол и црн пипер по вкус
- по желба може да додадете цеден сок од 1 портокал.
Подготовка:
- Најпрво е важно да ви биде припремен гравот, односно препорачливо е да го потопите со топла вода и да го оставите така да стои најмалку 3-4 часа. Тоа ќе овозможи лесно да се свари и да биде вкусно мек при јадењето. Откако сте го потопиле сварете го.
- Главицата кромид прво исчистете ја, а потоа измијте ја и ситно исечкајте ја.
- Слатките компири прво измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на коцки, а потоа обарете ги во вода која врие за време од 5-7 минути.
- Во малку масло запржете го кромидот за време од 2-3 минути, а веднаш потоа додајте ги и коцките од сладок компир и заедно запржете ги.
- Спанаќот измијте го и исчистете го, а потоа исечкајте го. Откако малку сте ги запржиле кромидот и коцките сладок компир, зачинете по вкус и додајте го сечканиот спанаќ. За неколку минути зачините ќе се соединат и спанаќот ќе омекне. Доколку сте љубители на тропските ароми, има уште една прекрасна можност а тоа е во јадењето да додадете сок од 1 цеден портокал. Измешајте лесно и на здравје!
Ви предлагаме да го погледнете и рецептот за посна салата од грав.