Посна салата од грав

И овој пат нашата пријателка Диана, на блогот Trydiani ни претстави традиционален рецепт со одличен вкус. Рецептот за оваа салата од грав потекнува од Велинград, Бугарија, а традиционално се припрема со грав познат како „софенка“.

Тамошното население вели дека оваа сорта на грав успева само во тој регион, а карактеристично е тоа што зрната се големи, бели и се топат во устата. Гравот „софенка“ најдобро успева на засенчени места на надморска висина од 1000 до 1200м, а во споредба со другите мешунки има потреба од повеќе влага. Оваа салата од грав е посна, вегетаријанска, не содржи глутен, а може да ја послужите и како прилог со јадење.

салата од грав

Состојки:

  • 1 кг грав
  • 7-8 лажици масло
  • 1 страк праз (во замена може да се користи млад кромид)
  • 1 лажица црвена пипер
  • суво нане
  • црн пипер
  • 1 мала лажичка сол.

Подготовка:

  1. Гравот исчистете го и ставете го во тенџере со ладна вода да отстои за време од 7 до 8 часа.
  2. Потоа тенџерето со грав ставете го на оган да се вари со истата вода, а по потреба додајте уште вода.
  3. Штом гравот ќе омекне додајте ја солта. Варениот грав тргнете го од оган, оставете го да се излади и потоа убаво исцедете го.
  4. Празот ситно исечкајте го. Во тава на оган ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло ставете го празот да се запржи.
  5. Потоа тргнете ја тавата од оган, извадете го празот и во маслото додајте го црвениот пипер. Измешајте, а потоа маслото ставете го во садот со исцедениот грав. Приготвената салата од грав зачинете ја со мелен црн пипер и нане по желба.

Сподели: