Слатко од сушени трендафили 1

Слатко од сушени трендафили

Ова слатко можам да го фотографирам до бесвест, каква убавина е! – вели Весна. Преубаво ни изгледа и нас, за очи и за вкусните сетила! Претходно го споделивме рецептот за слатко направено со свежи ливчиња, а во оваа прилика ви посочуваме дека може да си направите и домашно слатко од сушени трендафили со  уште подобар вкус кој долго се памети.

Весна, повторно се заблагодаруваме за бескрајно интересните рецепти кои го богатат нашето знаење и нашата кулинарска ризница. Во таа чест ги пренесуваме и твоите зборови: „ Веќе реков дека мајка ми ми објасни како баба ми Зонка го правела слаткото од сушени трендафили. Нејсе, се потрудив, најдов повторно мајски, непрскани трендафили, мирисни до другата улица. Ги ставив во еден плех откако ги измив внимателно, не беа голема количина, само колку за проба. Во исто време го правев и сокот. Мераци, мераци… Рецептот е потполно ист со оној кој го објавив само што сега се сушат листовите, а колку долго тоа ќе трае, зависи од топлото време и сонце…Ми се погоди да не е многу сончево, ги чував на тераса, не ги фаќаше директно сонцето. Само да нема ветар, треба добро да ги заштитите.“

Слатко од сушени трендафили 2

Состојки:

  • 100 грама сушени ливчиња од трендафил
  • 1200 грама шеќер
  • 1 литар вода, може и помалку
  • 3 лимони

Подготовка:

  1. Отстранете им ги дршките и средината, измијте ги, па еден дел од ливчињата исечете на парченца. Оставете ги да се сушат, во услови како што е наведено погоре.
  2. Исцедете го лимоновиот сок од двата лимони, а третиот може да го исечкате ситно и да го додадете во слаткото подоцна, како и што е наведено подолу.
  3. Ставете ги да се варат до 20 минути, бојата нема да е убава тогаш како на крајот.
  4. Додадете го шеќерот и сокот од лимоните. Штом ги додадете шеќерот и лимоните, бојата ќе започне да се менува веднаш. Варете на тивко, а притоа отстранувајте ја пената.
  5. Кога шербетот ќе почне да се влече како конец, додадете го третиот лимон и слаткото е готово. Турете го во врели тегли и затворете ги.

Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com

Ви препорачуваме да прочитате: Слатко од  трендафили.

Сподели: