Слатко од трендафили 1

Слатко од трендафили

Кулинарската ризница сега ни е побогата со нешто уникатно, а ние пресреќни! Провидно на лик, а боите се прелеваат. Вакво слатко од трендафили не е лесно или скоро да не може да се најде, освен ако не си направиме дома. А за рецептот, искрено и големо благодарам до Весна, која нѐ  учи на традицијата и споделува вистинско богатство со нас во секоја можна прилика!

Еве што вели таа: „Го правев во мај, тогаш му е времето и е нешто невообичаено, навистина. Дојде некое ново време кога е реткост да се најдат некалемени трендафили, а и без отрови… За ова слатко потребни се мајски некалемени трендафили со колку е можно помалку третмани за опстанок. Може само розеви, а може и црвени, јас направив мешано и сеуште не можам да поверувам колку е убав спектарот од бои кои се прелеваат од розе преку килибар, до црвено… Ги сакам слатката најмногу заради светлината во нив, не можам да престанам да ги сликам, ова беше едно од тие, со волшебни преливи на светлината…“

Слатко од трендафили 2

Состојки:

  • 100 грама ливчиња од трендафил
  • 1200 грама шеќер
  • 1 литар вода, може и помалку
  • 3 лимони

Подготовка:

  1. Отстранете им ги дршките и средината, измијте ги, па еден дел од ливчињата исечете на парченца.
  2. Исцедете го лимоновиот сок од двата лимони, а третиот може да го исечкате ситно и да го додадете во слаткото подоцна, како и што е наведено подолу.
  3. Ставете ги да се варат до 20 минути, бојата нема да е убава тогаш како на крајот.
  4. Додадете го шеќерот и сокот од лимоните. Штом ги додадете шеќерот и лимоните, бојата ќе започне да се менува веднаш. Варете на тивко, а притоа отстранувајте ја пената.
  5. Кога шербетот ќе почне да се влече како конец, додадете го третиот лимон и слаткото е готово.
  6. Турете го во врели тегли и затворете ги.

Забелешка: Повеќе фотографии од слаткото можете да погледнете тука.

Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com

Ви препорачуваме да прочитате: Десертно слатко од бели цреши.

Сподели: