Ако сакате да ја нахраните душата со нешто сезонско, лесно и летно, оваа струмичка зеленчукова тава топло ви ја препорачуваме! Весна ни кажа дека е позната под името, имам бајалди, а подолу прочитајте ја приказната за тоа!
„Оваa прекрасна тава која со генерации се прави во Струмица е една од најубавите која исто се носела на фурна. Можеби магдoносот и лукот се „виновни“ за преубавиот вкус на црните патлиџани, како што ги викаме во нашиот крај, а можеби и заради неколкуте различни варијанти… Името на ова прекрасна тава се изговара со мали разлики во Струмица, секоја маала врти по свое: Амам/Имам/Аман/ Бајалди/ Балајди… Но ниту едно не е погрешно, зошто би било. Како и да се изговори, приказната секако води до човекот кој уживајќи во преубавото јадење, се прејал и БАЈАЛДИСАЛ, се занел од јадење…“ – со задоволство ни опиша Весна.
Исто така ни кажа „Мојот рецепт е малку поинаков и веројатно е од времето кога тавите се носеле на фурна, еден од најстарите рецепти… Најчесто го подготвуваат во варијанта со мелено месо внатре, но вегетаријанската варијанта, која јас ви ја препорачувам, можете да си ја надополните со пржен компир, а и бело сирење, но и ќофтиња ако не можете да живеете без месо.“

Состојки:
- 6 модри патлиџани
- 2-3 кг зрели домати
- 1 лук
- 4 пиперки
- лажиче сол, црвен пипер, црн пипер, масло
- 1-2 китки магдонос.
Подготовка:
- Најпрво модрите патлиџани, измиени и исчистени од дршката, се засекуваат по должина без да се отворат целосно и се посолуваат убаво.
- Се оставаат во вода да им излезе лутата црна течност, најмалку 15-20 минути.
- За тоа време подгответе го магдоносот и лукот, ситно и тенко исечкани и ги мешате со сол и црн пипер, а исто така во друг сад подгответе ги пиперките така што ќе ги исечете на кругчиња, а доматите исто така излупете ги и исечете ги.
- Во малку масло прво запржете ги исечканите пиперки, па додајте ги и исечканите и излупени домати.
- Оставете ги на оган само малку додека зовријат, некаде 5 минути и додете сол, црвен и црн пипер, може и други зачини по желба.
- Сосот е готов, сега е време да се вратите на модрите патлиџани, да ги подисушите и да ги ставите да се пржат со малку масло, покриени. Можете ова да го правите истовремено со сосот за да заштедите на време.
- Откако ќе се испржат од сите страни убаво и се омекнати, извадете ги и наредете ги со засекот одозгора, во земјена тава по можност или некоја длабока тава за печење. Ако сакате, сега можете да ги излупите, за потоа полесно да се јадат, но не е задолжително.
- Вака наредените модрите патлиџани наполнете ги во засекот со магдоносот и лукот.
- Одозгора залејте ги со приготвениот сос. Тавата треба да биде полна и покриена со сосот од доматите во кој ќе се печат патлиџаните.
- Оставете да се печи на тивко, најмногу околу 1 час.
- Тавата треба малку да се излади пред да ја сервирате. Сервирајте по 1 модар патлиџан во чинија. Ако не ви успее без лушпата, следниот пат оставете ја лушпата на патлиџаните, иако така полесно се сервираат, но потешко се јадат.
- Одозгора врз патлиџанот се полева од сосот и во чинијата изгледа прекрасно, рапсодија од бои и вкусови. Добар апетит!
Дополнителни совети: Внимавајте сосот да не ви стане прегуст, треба да остане нормално течен, ни воден, ни премногу густ. Доколку доматите се многу киселкасти по желба може да додадете малку шеќер. Ако пак не се доволно сочни, може да користите и доматно пире.
Рецептот го испратил: Весна Рор, Со љубов за вас.
Ви препорачуваме да прочитате: Пинџур со модри патлиџани и моркови.