Супер ручек за целото семејство! Тава со ориз, зеленчук и чадено месо за богат семеен ручек. Рецептот е креиран во кујната на Катерина и навистина може да ви се најде штом сакате да приготвите нешто ново и вкусно.
Изобилството од зеленчук со ориз и чадено месо, совршено се вклопуваат во една тава. Не двоумете се да го пробате, затоа што знаеме дека ќе ви се допадне.

Состојки:
- 1 главица кромид
- 3 чешниња лук
- 1 мало стебленце целер
- 2 моркови
- ½ тиквичка
- 5 помали компири
- 1 домат
- 7 парчиња аспарагус по желба
- неколку гранчиња магдонос
- 5 раце или мали филџани ориз
- 350 грама чадено месо
- по потреба мешан сув зачин, масло и црн пипер.
Подготовка:
- Чаденото месо исечете го на парчиња.
- Во тенџере со вода ставете го месото кратко да се вари.
- Кромидот и лукот исечкајте ги на ситни парчиња. Тиквичката изрендајте ја на крупната страна на рендето. Компирите излупете ги и исечете ги на коцки. Морковот исечете го на кругови. Доматот исечете го на коцки.
- Во тавата во која ќе го спремате ручекот ставете масло да се загрее.
- Додајте ги сечканиот кромид, сечканиот лук, целер и морковот исечен на кругови.
- Пржете додека кромидот омекне, па додајте ја ренданата тиквичка, компирите исечени на коцки и сечканиот домат.
- Откако зеленчукот ќе се запржи, во тавата додајте ги оризот и сечканиот магдонос.
- Зачинете со мешан сув зачин и црн пипер.
- Промешајте убаво и налејте топла вода.
- Одозгора наредете го аспарагусот исечен на помали стапчиња и свареното чадено месо.
- Откако водата ќе зоврие ставете ја тавата во рерна загреана на 200 степени. Печете додека водата испари. Готовата тава со ориз, зеленчук и чадено месо послужете ја со свежа салата. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Ориз со сос од печурки и тофу сирење.