Ориз со сос од печурки и тофу сирење

Кој може да поверува дека ова вкусно јадење е посно, не содржи глутен и е вегетаријанско? Сликата кажува се, а на нас ни останува во првата прилика да го пробаме рецептот за овој вкусен ориз со сос од печурки и тофу сирење.

Овој креативен рецепт ни доаѓа на предлог од Невена, на која многу и се заблагодаруваме за одличната идеја. Наведените состојки во рецептот се доволни за 4 порции, а по потреба намалете ја или зголемете ја количината на состојките.

ориз со сос и тофу

Состојки:

  • 1 чаша од 250 гр ориз
  • ½ мала главица кромид
  • 3 чаши или по потреба вода
  • по вкус сол, мелен црн пипер и мешан сув зачин.

За сосот:

  • 250 гр свежи шампињони
  • ½ мала главица кромид
  • 12 полни лажици доматен сос
  • 10 маслинки без семка
  • 2 лажички капари
  • 1 лажиче оригано
  • 4 -5 лажици маслиново масло.

За сирењето:

  • 250 гр тофу сирење
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2 лажици јаболкова киселина
  • 2 лажици соја сос.

Подготовка:

  1. Тофу сирењето исечете го на коцки од 2 см. Маслото, киселината и соја сосот измешајте ги во една чинија и ставете го сирењето. Оставете го да се маринира најмалку 30 минути и притоа мешајте го за да прими од сите страни.
  2. Потоа, подгответе го сосот од печурките. Шампињоните исечете ги на тенки ливчиња.
  3. Кромидот ситно исечкајте го и малку пропржете го во тава со маслиново масло. Додајте ги печурките, измешајте и оставете ги да се динстаат додека течноста им испари. Потоа додајте го доматниот сос, маслинките исечени на тркалца, каперите и ориганото. Оставете ги да поварат неколку минути колку да се спои вкусот. Ако е потребно додајте и сол. Тргнете го на страна и на топло и подгответе го оризот.
  4. Кромидот ситно исечкајте го и со оризот пропржете ги во тенџере со маслиновото масло. Додајте ја водата и зачините по вкус и оставете го да вари, да испари течноста.
  5. Додека се вари оризот, тофу сирењето малку пропржете го во тава со малку масло, колку да добие боја.
  6. Во 4 чинии ставете од оризот, над него од сосот од печурки, по неколку коцки сирење и послужете додека јадењето е топло. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Ориз со кремаст сос од печурки и вино.

Сподели: