Сигурно веќе сте слушнале за зборот пробиотик со кој се нарекуваат живите микроорганизми кои се наоѓаат во нашиот дигестивен тракт и кои ни овозможуваат добро варење, а воедно синтетизираат и одредени витамини. Се позастапена е употребата на пробиотиците во текот на антибиотски третман или по завршувањето на терапијата со антибиотици со цел да се одржи доброто здравје на цревата. Но, дали сте слушнале за пребиотици, за тоа во која храна се содржат или пак зошто му се потребни на нашиот организам? Доколку сакате да дознаете повеќе за пребиотиците ви предлагаме да го прочитате текстот што следи.
Што се тоа пребиотици?
Пребиотици се одредени видови на растителни влакна кои не се дигестираат во нашиот гастроинтестинален тракт туку им служат како храна на добрите бактерии (пробиотиците) во цревата, т.е во дебелото црево.
Зошто му се потребни пребиотиците на нашето тело?
Пребиотиците се потребни за исхрана на пробиотиците во нашите црева. Со тоа што пребиотиците им служат како храна на корисните бактерии, се овозможува одржување на доброто здравје на цревата, а со тоа следуваат и многу други придобивки како:
- зголемување на апсорпцијата на калциум и магнезиум
- подобрување на здравјето на коските
- зајакнување на имуниот систем
- намалување на нивото на триглицериди во крвта
- подобра контрола на телесната маса и апетитот
- намалување на растот на патогените бактерии
- може да го намалат воспалението и инфекциите на цревата.
Која храна е добар извор на пребиотици?
За најдобри извори на пребиотици се сметаат: свеж корен од цикорија, свежи ерусалимски артичоки, свежиот лук, свеж или зготвен кромид, свеж аспарагус, свежи пченични никулци, брашно од пченица (печени производи од пченично брашно), банана, зелка, грав и останатите мешунки, праз, јаболка, повеќето видови на коренест зеленчук. Се разбира пребиотиците се достапни и во форма на суплементи, кои се користат доколку постои индикација за нивна употреба. Денес се почесто можеме да најдеме и суплементи -синбиотици, кои во својот состав содржат пробиотици и пребиотици и се смета дека ваквата нивна комбинација ќе резултира со подобар ефект на суплементот, токму поради тоа што пребиотиците се неопходни за растот и развојот на пребиотиците.
Автор: Маја Велковска.
Ви предлагаме да прочитате: Што се пробиотици и како може да го подобрат вашето здравје?