Штрудла од домашни кори со јаболка 1

Штрудла од домашни кори со јаболка, цимет и ореви – старински рецепт

„Ладните денови се како измислени за нешто совршено како што е штрудла од домашни кори, филувана со најдобра комбинација од јаболка, цимет и ореви. Мирисот кој се шири низ домот е неверојатно добар, а вкусот пак…, тој е приказна која мора да се доживее и навистина не можам да ви ја опишам освен да пробате.“ – вели Катерина од нашиот тим, а ние со задоволство споделуваме со сите вас!

Инспирацијата на Катерина да го направи овај старински рецепт потекнува од потесното семејство, како што ни кажа, и додава: „Се надевам дека ова срдечно споделување на вкусното доживување од мојата штрудла кај нас дома, ќе ве мотивира да ја пробате. Идејата ми дојде за време на новогодишните празници, а бев поттикната од еден пријатен разговор со баба ми, која ми раскажуваше дека на времето вака правеле штрудла. Проверив дали имам состојки и започнав, па кога се воодушевив од крајниот резултат и за вкус и на изглед, побрзав да направам фотки за да можам да ви ја доловам радоста и вас.“

Штрудла од домашни кори со јаболка 1

Состојки:

За тесто:

  • 500 г брашно (по потреба може да ви треба уште малку)
  • 1/2 лажичка сол
  • 80 мл масло
  • 250 мл млака вода за замесување.

За фил:

  • 500-600 грама нечистени јаболка
  • 5-6 лажици шеќер
  • 5-6 лажици гриз
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1 лажица цимет од Рајска градина
  • 50-60 грама сечкани ореви.

За попрскување на кори:

  • масло по потреба.

Подготовка:

  1. Прво подгответе го филот. Јаболката измијте ги, излупете ги и исчистете ги, па изрендајте ги и ставете ги во поголем сад во кој ќе го припремате филот. Додајте ги шеќерот, ванилиниот шеќер, гризот, циметот и сечканите ореви. Промешајте и поклопете со капак или фолија.
  2. За тестото, во поголем сад за месење ставете ги брашното, солта, маслото и млаката вода за замесување. Замесете меко, но нелепливо тесто и поделете го на 3-4 дела.
  3. Од секој дел оформете топче, а потоа со помош на рацете притиснете го до дебелина од 1 см.
  4. Ставете ги во претходно намрсен плех, премачкајте ги со масло и одозгора, па покријте ги со најлонска фолија за да не фатат кора. Оставете ги 15 минути да одморат, па започнете со тегнење.
  5. Во меѓувреме на маса, постелете постар памучен чаршаф кој лесно се витка. Раширете едно од топчињата и полека истегнете голема тенка кора. Со помош на мал нож отстранете ги задебелувањата на краевите, а потоа попрскајте со масло и распоредете од претходно припремениот фил, оставајќи без фил, 15-тина см на еден од краевите за полесно да ја завиткате на крајот и убаво да личи.
  6. Потоа, со помош на рацете завиткајте неколку см од филуваниот крај на кората, за да почне да се оформува ролната, а потоа со помош на чаршафот довршете го виткањето.
  7. Постапката повторете ја со сите топчиња, а од остатоците кои ги сечевте од корите може да премесите уште едно топче, кое повторно треба да отстои барем 15-20 минути, но квалитетот на тестото нема да биде ист како на првите.
  8. Готовите ролни, редете ги во намрсен голем плех. Попрскајте ги со малку масло одозгора и печете во претходно загреана рерна на 210 степени, околу 30 минути, или додека добијат убава златно кафеава боја.
  9. Печената штрудла од домашни кори кратко покријте ја со платнена крпа. Оставете да се излади и на здравје!

За крај, сакаме да споделиме со вас неколку корисни информации за циметот. Скоро и да нема човек кој не сака цимет, особено ако е во добра комбинација со комплементарни состојки како јаболко и орев. Циметот сам од себе е здрав зачин, кој помага за силен имунитет, што е и тоа како корисно за ладните денови. Исто така, циметот ефикасно дејствува против згрутчување на крвта и затоа е одличен за подобрување на циркулацијата. Како и разни други зачини, циметот со задоволство го набавуваме од проверената палета на Рајска градина. Природен е и без ГМО, а достапен е во вид на ќесичка и тегличка, па препорачуваме да го пробате.

vareno vino so morsko orevce 4

Може да ве интересира: Празнично варено вино со портокал и зачини.

Препорака од авторот:

Ако сте правеле мазник, подготовката на оваа штрудла од домашни кори нема да ви биде никаков проблем. А и да не сте правеле, обидете се, сигурна сум дека ако убаво ги следите моите инструкции ќе успеете без проблем. И секако, радо ви стојам на располагање да ме контактирате ако ви е потребна помош за изработката!

Ако ја направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Есенска пита со јаболка и цимет – брза и без миксер.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: