Запечена фритата со сирење и авокадо

Еве супер можност да пробате нешто ново, но интересно и вкусно! Предлогов за запечената фритата со сирење и авокадо ни доаѓа од нашата пријателка Диана, која рецептот го сподели на нејзиниот блог Trydiani.

Овој италијански омлет е кремаст и ароматичен, а состојките совршено се вклопуваат. Рецептот е креиран од Marc Matsumoto  кој ја разработувал идејата за подготовка на совршена фритата.

фритата со сирење

Состојки:

  • 4 големи јајца
  • 1 лажица течна павлака за готвење
  • 1-2 лажици масло
  • ½ главица сечкан кромид
  • ½ авокадо
  • 60 грама камембер (може да користите сирење по избор)
  • сол и мелен црн пипер по вкус
  • 1 лажица ситно сечкан магдонос.

За гарнирање:

  • листови салата
  • авокадо
  • див лук
  • печен леб.

Подготовка:

  1. Рерната се загрева до 250 степени.
  2. Авокадото се сечка на коцки. Сирењето се сечка на покрупни парчиња.
  3. Во сад за матење се ставаат јајцата, павлаката и малку сол. Се матат со миксер додека се добие хомогена смеса.
  4. На шпоретот, на умерена температура, се става тава со дебело дно. Најдобро е да користите тава која може да се стави и во рерна за да се испече фритатата.
  5. Во тавата се додаваат маслото и сечканиот кромид. Кромидот се запржува додека добие светло кафеава боја. Во тавата се додаваат сечканото авокадо, сол и мелен црн пипер.
  6. Потоа, во тавата се додаваат смесата од јајца, сирењето и магдоносот. Се остава смесата да се запече кратко, а повремено се меша. Штом јајцата ќе започнат да се згуснуваат, тавата се става во затоплената рерна.
  7. Фритатата се пече за време 5 до 6 минути, или додека порумени. Потоа се вади од рерната и се остава уште 5 минути да се излади.
  8. Со помош на шпатула или тенок нож, фритатата се вади од тавата и се сече на парчиња по желба.
  9. Се сервира со парчиња печен леб, сирење и авокадо. Совршена, зарем не?!

Ви предлагаме да прочитате: Летна фритата со тиквичка и модар патлиџан.

Сподели: