пикантен намаз од маслинки

Пикантен намаз од маслинки и сончоглед

Доколку ви се допаѓа вкусот на маслинките, а истовремено обожавате и лута храна, тогаш ова е вистинскиот избор за намаз. Богатиот вкус на маслинките и пикантна арома од црниот бибер ќе ги исполнат сите ваши сетила. Па, доколку се спремате за пости или едноставно сакате да си подготвите здрав појадок, тогаш домашниот пикантен намаз од маслинки и сончоглед е нешто што мора да го пробате.

Подгответе си нешто здраво и вкусно кое ќе ви ги разубави утрата. Ова со сигурност е еден од оние намази кои имаат тенденција да постанат вистински пријатели со парчето леб и да ви го разубават секој ден. Од едноставни состојки направете си вкусен намаз кој во комбинација со чаша чај или јогурт ќе стане ваш омилен утрински ритуал.

Намаз од маслинки

Состојки:

  • 100 г лупен сончоглед
  • 100 г црни несолени маслинки
  • 1-2 чешниња лук
  • сок од ½ лимон
  • 2 суви домати по желба
  • 3 мали лажици маслиново масло
  • ½ мала лажица оригано
  • ½ мала лажица босилек
  • ½ мала лажица мајчина душица
  • црн пипер и сол по вкус
  • вода по потреба.

Подготовка:

  1. Сончогледовите семки ставете ги во нелеплива тава на оган, на умерено висока температура. Кратко потпечете ги додека благо заруменат и испуштат пријатна арома.
  2. Оставете ги да се изладат, па сомелете ги во блендер или сечко.
  3. Црните маслинки исчистете ги од семките. Доколку маслинките се солени ставете ги кратко време во вода за да се отсолат.
  4. Во садот со сончогледот, додајте ги сечканите маслинки, маслото, лимоновиот сок, изгмечениот лук и сечканиот сув домат.
  5. Сите состојки добро изблендирајте ги додека добиете фино изедначена паста. По потреба додајте малку вода доколку намазот ви изгледа премногу густ.
  6. Вака подготвениот намаз посолете го и зачинете го со свежо мелен црн пипер, оригано, босилек и мајчина душица. Највкусен е кога се служи со парче тостиран леб во комбинација со свеж домат. На здравје!

Совети плус:

Овој намаз од маслинки и сончоглед претставува вистинска енергетска бомба и е калорично, а има и прилично јак вкус, па затоа користете го во умерени количини.

Ви препорачуваме да прочитате: Посен намаз од индиски ореви и зачини.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: