посна торта

Посна торта со лешници и кока кола

Да се најде вкусна, лесна и посна торта за правење е вистинска реткост. И овој пат и се заблагодаруваме на Невена за прекрасниот рецепт за посна торта со лешници и кока кола, кој го сподели со сите нас. Затоа, ако ве очекува роденден, имате некоја свечена прилика во време на пости или едноставно сакате да се заблажите со посна торта, не двоумете се да го пробате овој рецепт.

Добро е тоа што по желба, пудингот од карамел може да го замените со пудинг од лешник или ванила и да добиете нов вкус. А пандишпанот може да се исече хоризонтално на половина и да се филова на средина и одозгора.

посна торта

Состојки:

  • 400 мл кока кола
  • 150 гр шеќер
  • 90 мл масло
  • 300 гр брашно
  • 70 гр потпечени мелени лешници
  • 1 лажица какао
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1/2 мала лажичка сода бикарбона.

За фил:

  • 2 ќесички пудинг со вкус на карамел
  • 500 мл вода или млеко од соја
  • 250 гр шеќер
  • 350 мл растителна слатка павлака
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1 лажица мед
  • 80 гр потпечени мелени лешници.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го пудингот. Во длабок сад ставете го пудингот и додајте малку вода или млеко од соја. Измешајте за да се добие хомогена смеса.
  2. Во тенџере на оган на средна температура ставете ги преостанатото млеко и шеќерот.  Штом млекото ќе зоврие, во тенџерето додајте го пудингот, намалете ја температурата и мешајте додека се згусне.
  3. Потоа, тенџерето покријте го со фолија и оставете го пудингот да се излади.
  4. Во меѓувреме подгответе го пандишпанот. Во сад ставете ја кока колата, шеќерот и маслото, и измешајте ги со лажица или жица за матење за да се растопи шеќерот. Додајте ги останатите состојки и убаво измешајте да се изедначи смесата.
  5. Смесата ставете ја во намрсен, набрашнет плех (35х20см) и порамнете ја. Пандишпанот печете го во претходно загреана рерна на 180-200 степени за време од 20 -25 минути. Печениот пандишпан оставете го да се излади.
  6. Во длабок сад за матење ставете ги слатката павлака, медот и ванилиниот шеќер. Матете со миксерот за да се добие цврст шлаг. Изладениот пудинг, постепено додавајте го садот со слатката павлака. Убаво изматете и на крај додајте ги мелените лешници.
  7. Пандишпанот попрскајте го со неколку лажици кока кола и нанесете го целиот фил, па порамнете.
  8. Тортата покријте ја со фолија и ставете ја во фрижидер за да се спојат вкусовите.
  9. Сечете коцки или парчина по желба, украсете ги со малку слатка павлака, шеќерни трошки и послужете.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Сподели: