посни тарт колачи

Посни мини тарт колачи со џем

Мали, крцкави, вкусни и посни! Време е за дегустација на нови посни рецепти од интернационалната кујна. Овие мини тарт колачи со џем ни доаѓат од британската кујна, по рецепт кој со векови се служел за време на познатите паузи за чај. Крцкавото тесто исполнето со вкусен овошен џем ги прави вистинско мало задоволство за сите сетила. Нешто што мора да се проба и доживее!

Лесни за подготовка, а со автентичен изглед. Тие ќе ја красат трпезата или ќе му бидат верен пријател на вашето утринско кафе или чај. Може да користите џем, слатко или мармалад од било кое овошје. Децата едноставно ќе ги обожаваат!

посни тарт колачи

Состојки:

  • 250 г брашно
  • 1 лажица пченкарен скроб
  • 30 г шеќер
  • малку сол
  • 140 г маргарин
  • 2-4 лажици ладна вода.

За фил и декорација:

  • џем или мармалад
  • свежо или замрзнато бобинкасто овошје
  • ливчиња нане.

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете ги брашното, пченкарниот скроб, шеќерот и солта. Добро измешајте ги. Додајте го маргаринот и втријте го во брашното со врвовите од прстите.
  2. Додајте неколку лажици ладна вода по потреба. Треба да добиете цврсто тесто кое ќе го задржува својот облик и нема да се распаѓа. По потреба, пред да го обликувате тестото, може да го разладите во фрижидер или замрзнувач.
  3. Со помош на сукало исучете кора со дебелина 3-5 мм. Со кружен калап исечете форми малку поголеми од отворот на калапот за мафини. За да добиете автентичен изглед на тарт, се препорачува калапот да биде ребраст и да е за ½ см поголем од отворите на калапот за мафини.
  4. По желба, премачкајте ги калапите за мафини со малку масло за јадење.
  5. Обликуваните парчиња тесто ставете ги во калапот за мафини и нежно притиснете ги во средината.
  6. Секој мини тарт наполнете го со полна лажичка џем или мармалад.
  7. Вака подготвените мини тарт колачи печете ги околу 15 минути, додека тестото добие светло златна боја.
  8. Извадете ги од рерна и оставете ги добро да се изладат пред да ги извадите од калапите за мафини. Украсете ги по желба со замрзнато или свежо овошје и ливчиња нане. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Домашни кроасани со мармалад.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: