Рецепт за домашен мајонез готов за 5 минути 1

Рецепт за домашен мајонез готов за 5 минути

Сите маркети изобилуваат со разни брендови за мајонез, а на сите нас посебно ни е интересно да пробаме од најомилениот „домашен бренд“  за кој знаеме што и како сме ставиле! Пробајте го нашиот рецепт за домашен мајонез кој ќе го направите за само неколку минути.

Клара сподели со нас нејзини спомени и ни кажа „Кога бев дете мајка ми често правеше мајонез. Се сеќавам само дека маслото го додаваше „капка по капка“ и дека матењето траеше долго. Со напредувањето на технологијата, денес еве и јас посакав еднаш да пробам свој рецепт за домашен мајонез, кој беше готов за помалку од 5 минути. Да живее блендерот!“

Освен финтата со блендерот, важно е да се користат свежи јајца, кои пред блендирањето мора да се стојат неколку часа на собна температура за успешна подготвка на мајонезот. Исто така, многу битен и изборот на маслото, бидејќи од неговиот квалитет во голема мера ќе зависи и вкусот на самиот мајонез. Внимавајте и каков сенф ќе користите и од него би требало да зависи колку полна или попразна ќе биде лажичката со сол, ако има поизразен вкус, додајте помала количина сол за да не ви излезе пресолен.

Рецепт за домашен мајонез готов за 5 минути 2

Состојки:

  • 2 јајца
  • 400 мл масло
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажиче киселина (било каква, или најдобро природен лимонов сок)
  • 1 лажиче сенф.

Подготовка:

  1. Сите состојки се ставаат во стаклена тегла.
  2. Блендерот се става на дното од теглата каде што се почнува со блендирање. Веднаш, за кратко време веќе ќе го видите изгледот на мајонезот. Важно е да започнете од дното на теглата , па откако ќе згусти во тој дел, полека кревајте го блендерот на горе и постепено на горе, се додека не се спои цело масло во изглед на мајонез.
  3. На крајот може да го движите блендерот горе-долу (по потреба), а никако странично или кружно.
  4. Потоа се промешува со лажица, се проверува вкусот, па се затвора теглата и се чува во фрижидер. Рокот на траење е неколку дена, најкасно до една седмица.

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за домашен посен мајонез.

Сподели: