Чоколадно пире од костени 1

Чоколадно пире од костени

Есенските денови пристигнаа, а со тоа и сезоната на костените и нивниот мирисот по улиците. Без разлика дали се варени, печени или направени како пире, ретко кој може да им одолее. Ние направивме една супер комбинација и ги искомбиниравме со чоколадо и добивме чоколадно пире од костени! Пробајте, сензацијата од вкусови е неверојатна!

Костените се хранлива намирница. Тие содржат вредни минерали и витамини како што се магнезиум, калциум, калиум, фосфор, железо и речиси сите витамини од Б групата. Не содржат холестерол и се нискокалорични, па така  во 100 грама костени содржат само околу 170 калории. Исто така, костените не содржат ни глутен, па можат да ги консумираат и лица кои имаат интолеранција на овој протеин. Како што можеме да видиме тие се супер храна која вреди да се јаде почесто, а во оваа прилика ви предлагаме здрав и вкусен рецепт.

Чоколадно пире од костени 2

Состојки:

  • 400 гр варени и излупени костени
  • 100 гр темно чоколадо со висок процент на какао (повеќе од 70%)
  • 100 гр путер
  • 1 лажичка рум
  • 2 ќесички ванилин шеќер
  • 200 мл млеко
  • шлаг за декорација по желба.

Подготовка:

  1. Костените најпрво добро измиjте ги и малку засечете ги, па варете ги околу 20 минути во засладена вода. Откако ќе се сварат отстранете им ја кората, а тоа ќе биде најлесно додека костените се уште жешки.
  2. Исчистените костени испасирајте ги и во нив додадете го топлото млеко, ванилиниот шеќер и румот.
  3. На пареа растопете го темното чоколадо заедно со путерот и додадете ја смесата во костените.
  4. Добиеното пире добро промешајте го да се хомогенизира.
  5. Вака припременото пире сервирајте го во чинии и по желба украсете го со шлаг и чоколадни трошки. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Како најлесно да направите варени и печени костени?

Сподели: