Шпагети со павлака, сирење и корнишони

Знаете ли како ни дојде идејата за овие шпагети со павлака, сирење и корнишони? Ги сваривме шпагетите, а немавме многу време да приготвиме некој убав сос. На работната маса ја забележавме теглата со штотуку отворени  кисели краставички и идејата се роди. Знаеме дека салатите со макарони и корнишони се многу вкусни, па рековме, ајде ќе ја направиме оваа комбинација.

Што да ви кажеме? Прсти да си излижеш! И едноставно и лесно. Еве што ви е потребно и како може да ги направите.

шпагети со павлака

Состојки:

  • 500 грама пченкарни шпагети без глутен (може да користите и стандардни шпагети)
  • 7 до 8 кисели краставички
  • 100-200 грама сирење
  • 200 мл кисела павлака
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган ставете 3 до 4 литри вода да се зоврие. Во зоврената вода ставете ги шпагетите да се варат. Има неколку совети кои може да ја подобрат вашата техника за најдобро да ги сварите шпагетите, истата може да ја погледнете тука.
  2. Варете ги за време од 8 до 10 минути, или според упатството кое е наведено на пакувањето.
  3. Варените шпагети исцедете ги, а потоа измијте ги со млаз ладна вода. Повторно исцедете ги.
  4. Киселите краставички исечете ги на коцки. Сирењето издробете го со виљушка.
  5. Во тенџерето со шпагети додајте ги сечканите кисели краставички, сирењето и павлаката. Измешајте ги убаво и посолете ги по вкус.
  6. Готовите шпагети со павлака, сирење и кисели краставички послужете ги веднаш. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Шпагети во бел сос со печурки и вино.

Сподели: